ЕВН НЕ ЈА ПРАВИ ФАСАДАТА ШТО ЈА ПОБАРА ГРУЕВСКИ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ ОТИ ЈА ПРОДАВА ЗГРАДАТА

    ЕВН НЕ ЈА ПРАВИ ФАСАДАТА ШТО ЈА ПОБАРА ГРУЕВСКИ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ ОТИ ЈА ПРОДАВА ЗГРАДАТА„Нема одлука уште за зградата. Ја продаваме, но на огласот немаше заинтересирани, па сега ќе видиме како и што понатаму“, велат од ЕВН. (Фото: К.Попов)

    Фасадата на зградата на ЕВН и ЕЛЕМ во центарот на Скопје не се прави оти компанијата ја продава зградата.

    Зградата беше еден од најзначајните објекти на модерната архитектура од 60-тите и 70-тите години на минатиот век, но на барање на поранешниот премиер Никола Груевски, а за да се вклопи во проектот „Скопје 2014“, австриската компанија во 2013 година реши да придонесе во менувањето на ликот на градот и да ја реновира во барокен стил, иако имаше противење на стручната јавност. Станува збор за авторско дело кое беше наградувано и претставуваше идентитет на градот повеќе од половина век. Но, откако падна Груевски, Австријците решија да не трошат бадијала пари и сега фасадата стои како грдотија во центарот на градот, а ни локалната ни централната власт не се вознемируваат за тоа. Не реагира ни стручната јавност.

    Во декември лани ЕВН Македонија објави оглас за продажба на 2. 650 квадратни метри деловни простории, распоредени на приземје и пет ката, 760 квадрати двор и 690 квадратни метри земјиште под зграда. Но, на првиот оглас немаше заинтересирани за купување на просториите.

    Од компанијата на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не се прави фасадата која со години стои гола и дали имаат намера да ја обноват, велат дека сега за сега немаат одлука.

    „Нема одлука уште за зградата. Ја продаваме, но на огласот немаше заинтересирани, па сега ќе видиме како и што понатаму“, велат од ЕВН.

    Од државната компанија ЕЛЕМ која ја дели зградата со ЕВН велат дека работите се закочени бидејќи ЕВН не сака да инвестира во фасадата оти има намера да ја продава зградава.

    „Немаат интерес за обнова на фасадата бидејќи го продаваат нивниот дел. Имавме ние состаноци со градежната фирма ‘Бетон‘ и архитекти и начелно беше договорено дека за цената од 4,3 милиони евра за која е склучен договорот може да догради во стакло, односно да се врати автентичниот изглед“, велат од ЕЛЕМ.

    Градежните работи за реконструкција на зградата се стопирани пред 2,5 години кога се запали фасадата.

    Реновирањето на фасадата на зградата на ЕВН и ЕЛЕМ почна летото во 2013 година и според најавите требаше да биде готова до крајот на 2014 година. Тогаш од компаниите рекоа дека фасадата била планирана да се реконструира пред проектот „Скопје 2014“, а за барокно решение се одлучиле за да се вклопи во новиот амбиент на објектите каде е сместена зградата. За реновирањето беше предвидено да се потрошат 4,3 милиони евра.

    Зградата на ЕВН и ЕЛЕМ е изградена 1962 година и е еден од најзначајните објекти на модерната. Автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никулски кон крајот на 70-тите години од минатиот век и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект. Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира