ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ МОРА ДА НАЈДАТ ФОРМУЛА ДА СИ ГО ОДРЖАТ ЗБОРОТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО, ВЕЛИ ЗАЕВ

    ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ МОРА ДА НАЈДАТ ФОРМУЛА ДА СИ ГО ОДРЖАТ ЗБОРОТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО, ВЕЛИ ЗАЕВПреговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија, вели Заев. (Фото: СДК.МК)

    Бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците, вели премиерот Зоран Заев и од европските лидери бара да најдат формула како да си го одржат зборот и да продолжи проширувањето на ЕУ на Западен Балкан.

    По уште едно вето од Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, Заев вели дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, а преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија.

    „Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди. Европските лидери мора сериозно да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците. Токму затоа ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан“, напиша Заев утринава на Фејсбук.

    Премиерот вели дека внесувањето билатерални прашања во преговорите е опасен преседан и дека тоа е став кој го делат сите останати земји-членки на ЕУ.

    „Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права“, вели Заев.

    Вчера, бугарскиот претседател Румен Радев кажа дека „време е сите да разберат дека забрзувањето на европската перспектива за нашата најблиска земја зависи само од ангажманот и резултатите од дијалогот со Бугарија“, додавајќи дека темата за започнување преговори меѓу Македонија и ЕУ биле отфрлени од европските лидери на бугарско инсистирање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира