ФИЛИПЧЕ ГО ПРАША МИЦКОСКИ ДАЛИ Е ЗАГРОЗЕН МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ТОЈ КАЖА ДЕКА ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, НО НЕ КАКО „МОДЕРНИ“ МАКЕДОНЦИ

    ФИЛИПЧЕ ГО ПРАША МИЦКОСКИ ДАЛИ Е ЗАГРОЗЕН МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ТОЈ КАЖА ДЕКА ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, НО НЕ КАКО „МОДЕРНИ“ МАКЕДОНЦИМицкоски му префрли на Филипче зошто преговарале за јазикот и за идентитетот, на што тој реагираше дека додека СДСМ бил на власт, за јазикот никогаш не се преговарало и оти тоа се нивните црвени линии. (Фото: К. Попов)

    Лидерот на СДСМ Венко Филипче на денешната седница за пратенички прашања го праша премиерот Христијан Мицкоски дали се загрозени македонскиот јазик и македонскиот идентитет, со оглед на тоа дека постои опасност Европскиот парламент (ЕП) да изгласа амандман на Извештајот за напредокот на Македонија, со додавка: „модерен“ македонски јазик, од кој би произлегол натаму и „модерен македонски идентитет“.

    Филипче ги наброја сите документи, резолуции,заклучоци, договори (францускиот предлог, договорот со ФРОНТЕКС) и други, изгласани во Собранието и како што рече, никогаш и во ниту еден од нив не била оставена опција за модифицирање на јазикот, на идентитетот.

    „Ќе сториме се што е во наша моќ да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како ‘модерни’ Македонци“, одговори Мицкоски.

    Изминатиот период пред на 24 јуни да се гласа за извештајот во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), бугарските европратеници заради политички притисок заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „модерен“ алудирајќи дека тој е новосоздаден, модерен/сегашен јазик. Откако завчера Комитетот ги одби тие амандмани и го изгласа извештајот, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарната седница на Европскиот парламент, од 7-10 јули, кога треба конечно да се усвои извештајот.

    Филипче праша и дали целиот мандат Мицкоски ќе го троши на барање промена на македонската преговарачка позиција и зошто само не ги вклучиме трите народа во Уставот, вклучително и тие што се чувствуваат како Бугари, да ги отвориме преговорите за членство во ЕУ и чекор по чекор да се бориме сите заедно за да ги решаваме проблемите со Бугарија на тој пат.

    Мицкоски го изнесе повторно ставот дека во Европскиот парламент изминатите 2 години не е донесен извештај, бидејќи како што рече, воопшто не станува збор за македонски јазик и македонски идентитет, туку за „северномакедонски јазик и идентитет“.

    „Тоа е сосема различно од сегашната состојба. Сега на три места има македонски јазик и македонски идентитет, предложен како амандман на европратеници, извештајот го помина првиот филтер во ЕП, во Комиитетот за надворешна политика (АФЕТ). Тука бугарските претставници преку еден европратеник, кој излезе во името на неколку групи, вклучително и нашата ЕПП, вашата ПЕС, либералите Ренју и зелени и рече да го модифицираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик со зборчето ‘модерен’. Суштината не е Бугари во Уставот и трите нови етнички заедници, кои би ги додале, туку да создадеме нов топоним, ‘модерен’ македонски јазик на ‘модерни’ Македонци, кои се дел од ‘модерниот’ македонски идентитет и тоа е суштината на францускиот предлог“, рече Мицкоски.

    Во еден момент го праша Филипче зошто преговарале за јазикот и за идентитетот, на што тој реагираше дека додека СДСМ бил на власт, за јазикот никогаш не се преговарало и оти тоа се нивните црвени линии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира