Министерот за здравство Венко Филипче го разреши в. д директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, д-р Арбен Зибери, а д-р Александар Стојанов, епидемиолог од Центарот за јавно здравје е назначен за нов в. д директор на Центарот, соопшти Министерството за здравство.
Прим. д-р Стојанов е специјалист епидемиолог кој речиси 30 години работи во Центарот за јавно здравје. Тој е и магистер по јавно здравје. Беше директор на Центарот од 2002 до 2006 година.
„Зибери е разрешен заради пласирање на неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот“, соопшти Министерството за здравство.
Филипче вчера најави дека Зибери ќе биде разрешен поради неговаа изјава дека тој како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколи за да дојдат иселениците да гласаат за премиер Албанец. По пресот на Филипче, следуваше објава на Зибери на Фејсбук со обвинување дека Филипче го користи владиниот микрофон за изборни потреби.
Филипче рече дека негова должност како министер меѓу другото е да го штити угледот на колегите од Комисијата за заразни болести и нивните стручни одлуки, откако директорот на Центар за јавно здравје Скопје Арбен Зибери го обвини за политички маркетинг за најавата за негово разрешување.
„Тоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата“, напиша вчера Филипче.
Зибери, кој е втор на листата на ДУИ во првата изборна единица, во објавата на Фејсбук, кажа и дека како кандидат за пратеник има право да изразува политички ставови на својот личен профил.
„Апсолутно го демантирам тоа тврдење на Зибери дека е разрешен затоа што неговиот чичко Насер Зибери е кандидат за премиер. Разрешувањето следи по изјавата во однос на работата на комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на членовите на комисијата.
Тие 4 месеци работат посветено и сите одлуки ги носеа стручно и поткрепено со медицински факти. Од почетокот на коронакризата тројца директори беа разрешени, Зибери е четвртиот и нема да дозволам никој да ја политизира таа стручна работа, никој да не добива политички поени“, одговори на новинарско прашање Филипче на денешната прес-конференција за коментар на Фејсбук статус на Зибери.
Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција завчера рече дека отворањето на границите од денес без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите идната среда не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, туку е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.
Б. НЕСТОРОСКА
- НЕ ДОЗВОЛУВАМ ДА СЕ ВАЛКА УГЛЕДОТ И СТРУЧНОСТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ, МУ ОДГОВОРИ ФИЛИПЧЕ НА ЗИБЕРИ
- ЌЕ ГО РАЗРЕШАМ ЗИБЕРИ, НЕГОВАТА ИЗЈАВА ЗА ОТВАРАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ Е НЕДОЛИЧНА ЗА ДОКТОР И ЗА ДИРЕКТОР, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ
- ПОМОГНАВ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДА СЕ ОТВОРАТ ГРАНИЦИТЕ ЗА ДА ДОЈДАТ ГЛАСАЧИТЕ НА ДУИ, СЕ ПОФАЛИ ЗИБЕРИ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ