ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ НАБАВКА НА ТРИ НОВИ ВИДА ИНСУЛИН, УШТЕ НЕМА СЕНЗОРИ ЗА МЕРЕЊЕ ШЕЌЕР ЗА ДЕЦА

    ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ НАБАВКА НА ТРИ НОВИ ВИДА ИНСУЛИН, УШТЕ НЕМА СЕНЗОРИ ЗА МЕРЕЊЕ ШЕЌЕР ЗА ДЕЦА„Дел од овие деца имаат пречки да бидат дел од предучилишниот процес во градинките, поради стравот на кадарот. За жал, стигматизирање има и во училиштата, што е неоправдано“, рече министерот Венко Филипче на форумот по повод Светскиот ден на дијабетесот 14 Ноември, во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“

    Министерството за здравство, со новата јавна набавка на инсулини која е во тек, набавува три нови вида инсулини за лицата со дијабетес. Еден од нив е наменет за децата, кажа министерот за здравство Венко Филипче на одбележување на Светскиот ден на дијабетес 14 Ноември, што го организираше Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“.

    Филипче рече дека Министерството за здравство сега е пред нов предизвик, да обезбеди сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта, и дека за почеток потребни се околу 500 вакви сензори, за да можат да се покријат месечните потреби на децата. Со набавка на овие сензорни мерачи ќе им се олесни и на бремените жени, кои имаат гестациски дијабетес.

    Набавката на сенозорите за континуирано мерење на гликемиите за деца Филипче ги најави уште лани, при преземање на функцијата министер за здравство, но досега остана нереализирана. Од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ неколку пати алармираа да се набават овие мерачи, за да им се олесни животот на децата, бидејќи така ќе избегнат повеќекратно боцкање во текот на денот, што е неопходно за добра контрола на нивото на шеќер.

    „Ние како Министерство, но и како општество секако треба многу повеќе да обрнеме внимание на стигматизирањето на децата со дијабет. Дел од овие деца имаат пречки да бидат дел од предучилишниот процес во градинките, поради стравот на кадарот. За жал, стигматизирање има и во училиштата, што е неоправдано. Дијабетесот не е заболување тоа е состојба, која ние се трудиме да ја олесниме“, рече министерот Филипче.

    Во Македонија регистрирани се 500 деца помлади од 14 години со дијабет и се на инсулинска терапија.

    „Го укинавме паралелниот увоз на инсулин и терапија за дијабетес. Паралелниот увоз не гарантираше квалитет на инсулинот, ниту пак имавме контрола дали терапијата која им е потребна на пациентите во земјава влегува исправна, дали е запазен неопходниот ладен синџир кога се транспортираат овие лекови“, рече Филипче.

    Е БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира