ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ НА ЛЕКОВИ ГИ ВРАТИЛ ВО СОБРАНИЕ, ОД СОБРАНИЕ ВЕЛАТ ДЕКА ТЕКСТОТ ГО НЕМА

    ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ НА ЛЕКОВИ ГИ ВРАТИЛ ВО СОБРАНИЕ, ОД СОБРАНИЕ ВЕЛАТ ДЕКА ТЕКСТОТ ГО НЕМАПациентите со дијабетес бараат увозникот на инсулин од паралелен увоз да се обврзе да достави сертификат за квалитет на лековите. - Министерот Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ги вратил во Собрание измените на Законот за лекови и медицински помагала, со кои треба да се регулира паралелниот увоз на лекови, а од Собранието велат дека сè уште не е вратен нацрт-текстот, кој беше повлечен на доработка во јануари годинава.

    Законските измени Министерството за здравство го најави уште лани, а со нив треба да се воведе обврска увозникот на лекови од паралелен увоз да има задолжително сертификат за квалитет на лековите и документи со кои ќе се знае начинот на движење на лекот од производителот, до крајниот корисник. Нацрт текстот на измените беше даден во Собрание, а на 26 јануари годинава непосредно пред првото читање во собраниската Комисија за здравство, Филипче го повлече со објаснување дека треба технички да се доработи. Тогаш министерот кажа дека оваа техничка доработка ќе заврши брзо и за десетина дена измените повторно ќе бидат вратени во собраниска процедура.

    Пациентите со дијабетес бараат гаранција за квалитет на инсулинот со наредната набавка на оваа терапија, која Министерството за здравство треба да ја направи следните месеци. Тие велат дека сè уште не се донесени законските измени за паралелен увоз на лекови, кои што ги вети Министерството за здравство.

    „Приоритетно прашање за нас е дали при набавка на новите количини на инсулин тие ќе бидат квалитетни, односно увозникот кој ги носи со паралелен увоз дали ќе го гарантира нивниот квалитет. Од квалитетот на лекот зависат животите на околу 3.000 пациенти, кои се со дијабетес тип 1 и се зависни од инсулин, а 500 од нив се деца“, велат од здружението на детски дијабетес „Баланс МК“.

    Тие објаснуваат дека ова за нив е важно за да се оневозможи влез на неквалитетен иснулин и дека иако не е докажано, сепак дел од пациентите изминатите години почувствувале промени во квалитетот на терапијата која се увезува преку паралелен увоз, односно чувствувале како да не им делува.

    Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека новиот тендер за набавка на инсулин ќе биде направен според законските измени, и дека текстот на законот уште минатата недела го вратиле во Собрание.

    Од Комисијата за здравство во Собрание велат дека измените на Законот за лекови и медицински помагала сè уште не е вратен во процедура, односно дека го немаат текстот на измените, па затоа не можат да кажат ниту кога ќе го разгледуваат.

    Според податоците од здруженијата за дијабетес во земјава има околу 180.000 лица со дијабетес, од кои 40.000 се на инсулинска терапија. Околу 3.000 од пациентите се со дијабет тип 1, односно дијабетес кој исклучиво се третира со инсулин.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира