ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ ГИ ПОВИКА КОМПАНИИТЕ КОИ ДОБИЈА ГРАНТОВИ ДА КАЖАТ ДАЛИ ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА ИМААТ ФУНКЦИОНЕР

    ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ ГИ ПОВИКА КОМПАНИИТЕ КОИ ДОБИЈА ГРАНТОВИ ДА КАЖАТ ДАЛИ ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА ИМААТ ФУНКЦИОНЕР„Може да има грешки но, ајде да учиме од грешките. Иницираме сите да декларираат дали имаат носител на јавна функција, а во наредниот повик ќе имаме превентивен систем“, рече директорот на Фондот Јован Деспотовски

    Компаниите на кои им е одобрена државна помош на јавниот повик од Фондот за иновации и технолошки развој, ќе треба сами да пријават дали во сопственичката структура имаат носител на јавна функција или близок член на семејството.

    Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски рече дека ќе ги повика компаниите на кои во првиот инвестициски бран за микро, мали и средни претпријатија им е одобрен грант самите да дадат изјава и дека рокот за тоа е 15 дена. Тој кажа дека ако има вакви компании, потоа ќе побара од комитетот кој одлучува за проектите повторно да ги разгледа и да се види дали тие ги исполнуваат критериумите.

    „За проектите одлучува комитет од 80 домашни и пет надворешни експерти и јас како директор на Фондот не можам да му наредам на комитетот, туку можам да побарам да ги разгледа повторно проектите“, рече Деспотовски.

    На 13 јули, Владата додели 10,5 милиони евра грант на 79 микро, мали и средни компании, преку владините мерки за економски раст.

    Новата одлука на Фондот следи по реакциите на јавноста дека компании каде косопственици се вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот Хари Локвенец добиле државна помош. Анѓушев ги повика косопствениците на неговите фирми да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат. Од Фондот за иновации и технолошки развој 160.000 евра доби „Каст инвест“, компанија во која вицепремиерот Анѓушев е косопственик. Грант од 162.000 евра доби и прилепската печатница „Гинис“, чиј косопственик е пратеникот Локвенец, кој исто така побара косопствениците да го вратат грантот.

    Деспотовски денес кажа дека во наредниот повик за државна помош, кој ќе го распишат во септември, во самите критериуми за доделување на грантови ќе вметнат критериум со кој ќе се бара компаниите да дадат изјава дали во нивната сопственичка структура има носител на јавна функција или близок член на семејството. Тој рече дека во претходниот јавен повик вакво нешто не предвиделе, бидејќи овие критериуми постоеле од претходно.

    „Ја разбирам реакцијата на јавноста оти системот многу се злоупотребувал претходно, и заради тоа двајцата функционери дадоа свои изјави и јас не би коментирал. Може да има грешки но, ајде да учиме од грешките. Иницираме сите да декларираат дали имаат носител на јавна функција, а во наредниот повик ќе имаме превентивен систем. Се сомневам дека има многу фирми каде има носители на јавни функции. По овие 15 дена ќе продолжиме со реализација на првиот инвестицискиот бран што го најавивме, бидејќи имаме одговорност кон другите компании тој процес да продолжи“, рече Деспотовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира