ФРАНЦУСКОТО ВЕТО ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е СТРАТЕШКА КАТАСТРОФА ЗА ЕУ ИСТО КАКО БРЕГЗИТ, ВЕЛИ КАРЛ БИЛТ ЗА „ВАШИНГТОН ПОСТ“

    ФРАНЦУСКОТО ВЕТО ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е СТРАТЕШКА КАТАСТРОФА ЗА ЕУ ИСТО КАКО БРЕГЗИТ, ВЕЛИ КАРЛ БИЛТ ЗА „ВАШИНГТОН ПОСТ“Поранешниот шведски премиер Карл Билт смета дека француското вето не е вето само за Северна Македонија, туку за целиот процес на проширување во Западниот Балкан. - Францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференција по ветото за Северна Македонија минатата недела (Фото: ЕПА)

    Речиси и да нема сомнеж дека Брегзит е стратешка катастрофа за Европската унија, но малкумина изгледа сфаќаат дека ЕУ се движи кон уште една стратешка катастрофа, овојпат на Балканот, пишува поранешниот шведски премиер Карл Билт во колумна за весникот „Вашингтон Пост“.

    Тој вели дека минатонеделното француско вето за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија наспроти волјата на останатите членки веројатно го урниса деценискиот стратешки пристап на ЕУ кон Балканот.

    „Во 2003, како дел од самитот во Солун, лидерите на ЕУ формално се обврзаа да ја отворат ЕУ за членство на сите земји од Западен Балкан. Оттогаш, ова беше светилник што ги инспирираше и ги водеше политиките во регионот со барања за реформи на економиите и општествата, надминување на поделбите од минатото и подготовка за европската иднина. Тоа секако не беше лесно и напредокот беше бавен во одредени области, но во регион секогаш растргнат меѓу силите на интеграција и распад, балансот јасно се помести од второто кон првото, најмногу благодарение на европската перспектива. Проектот беше ставен под знак прашање со француската одлука за Северна Македонија. Никој не верува дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе се случи веднаш. Тоа беше прашање на почнување на децениски процес на преговори и реформи“, пишува Билт во колумната.

    Всушност, вели Билт, Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција што реши долготрајниот спор за името меѓу двете земји требаше да биде де факто предуслов за почнување на патот кон ЕУ. Сега, вели тој, Париз вели дека тоа ќе треба да почека на некакви непрецизирани реформи во ЕУ во наредните години, а можеби и децении.

    „Француското вето не е вето само за Северна Македонија, туку за целиот процес на проширување во Западниот Балкан, ефективно потопувајќи ја целата политика. Тоа можеби не е наведено експлицитно, но меѓу редови, тоа е вето и за Србија, Црна Гора и БиХ. Тоа неминовно ќе има последици по останатите нерешени прашања во регионот“, вели Билт.

    За францускиот претседател Емануел Макрон, Билт вели дека зборува елоквентно за одговорностите на Европа и сака да се позиционира себеси како личност која ќе ја лансира ЕУ на нова траекторија на глобалната сцена.

    „Тоа е сѐ добро и итно потребно, но нема никаква врска со уништувањето на кредибилитетот на ЕУ во самата Европа. И додека земјите на Балканот ќе останат економски зависни од ЕУ, неминовното забавување на реформите и интеграцијата ќе принуди многу повеќе млади луѓе од регионот да ја бараат својата иднина во ЕУ. Тие што ќе останат ќе бидат привлечени од опасните политики на национализмот и носталгијата. Со одземена иднина, тие ќе се вратат во минатото. На крајот, тоа е Балканот. Сме виделе што се случи претходно“, завршува Билт, кој во 90-те години од минатиот век беше посредник во војната во БиХ и специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за бивша Југославија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари