Собранието ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и пишувањата во дел од електронските медиуми дека нивни архивирани амандмани поднесени за Законот за употреба на јазиците биле најдени фрлени во контејнер во близина на Собранието.
„По спроведена интерна проверка утврдено е дека сите оригинали од амандманите уредно се архивирани и се наоѓаат во собраниската архива. Амандманите прикажани во јавноста се копии од амандмани кои се уредно внесени во процедура и се веќе објавени на е-парламент, со што се достапни на сите 120 пратеници и на јавноста, Собранието е отворено да се направи увид“, се вели во соопштението од Собранието, за обвинувањата на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ дека нивни амандмани поднесени за Законот за употреба на јазиците се фрлени во ѓубре.
Сите поднесени амандмани за Законот за употреба на јазиците биле уредно примени во собраниската архива, поголемиот дел биле обработени и ставени на е-парламент. Поради големиот број на поднесени амандмани, собраниската служба, како што се наведува во реакцијата, уредно постапува во рамките на своите задолженија и во текот на денешниот ден, сè до целосно завршување на процесот.
Порталот Република.мк, и дел од електронските медиуми вчера објавија дека дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазици биле најдени фрлени во контејнер до Собранието. Порталот објави и фотографии и видео од амандмани кои го имаа архивскиот број на Собранието.
Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе околу 35 илјади амандмани во третото читање на Законот за употреба на јазиците, за кој пратениците (по вторпат) би требало да гласаат на седницата закажана в понеделник.
За поднесените над 30.000 амандмани, претседателот на Собранието Џафери пресметал дека под услов секој работен ден да ја има на дневен ред оваа точка, и ако за секој амандман мора да се дадат три минуди за образложение од подносителот, Собранието би расправало 90.000 минути или математички, вели тој, најмалку шест месеци расправа само за поднесените амандмани на ВМРО–ДПМНЕ.
Г.ТРПЕНОСКИ