ФРОСИНА РЕМЕНСКИ Е ЕДНА ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА ИЗМАМИТЕ СО МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ НА БОКИ 13

    ФРОСИНА РЕМЕНСКИ Е ЕДНА ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА ИЗМАМИТЕ СО МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ НА БОКИ 13Од Обвинителството велат дека функционерот го искористил својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт. - Обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска (Фото: К. Попов)

    Пратеничката од СДСМ и потпретседателка на Собранието Фросина Ташевска-Ременски е една од новите осомничени лица во истрагата на обвинителката Вилма Русковска која е отворена денеска во делот на измамите со наводна изградба на старечки домови од страна на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од истрагата. Како што соопштија од Јавното обвинителство, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот Боки 13 присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

    На почетокот на минатиот месец, на распит кај Русковска за случајот „Рекет“ беа пратениците од СДСМ Фросина Ташевска-Ременски и Александар Кирацоски. Ременски е почесен претседател на Меѓународниот сојуз, но по распитот кажа дека  како почесен претседател на организацијата немала никаква формално-правна обврска да учествува во органите на организација и дека немало нејзино лично присуство кај облигационите односи што ги има Меѓународниот сојуз со фирми и лица.

    „Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација“, се вели во соопштението од Обвинителството.

    За првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13 постои основно сомневање дека сторил продолжено кривично дело „Измама“ предвидено и казниво по член 247 став 4 во врска со член 45 и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 став 1 од Кривичниот законик. Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело „Измама“ по член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 24, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик. Правното лице се сомничи дека сторило кривично дело „Измама“ по член 247 став 8 во врска со став 4, врска со став 1 од Кривичниот законик.

    Обвинителството ќе бара мерка притвор за едно од осомничените лица и мерки на претпазливост за останатите тројца осомничени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари