Градоначалници, директори и функционери од СДСМ најавуваат дека ќе се откажат од целата плата за април и мај и ќе одат на минималец, откако вчера Уставниот суд поведе постапка за уставноста на Уредбата и забрани да се кратат платите.
Од владејачката СДСМ велат дека раководството на партијата во моментов го дефинира механизмот со кој ќе одговорат на одлуката на Уставен суд.
„СДСМ најостро ја осудува оваа срамна одлука на Уставниот суд која е против солидарноста и на директна штета на борбата против коронавирусот. Со ова, Уставниот суд спречи обезбедување на 240 милиони денари, или околу 4 милиони евра во буџетот за државата за мерки за справување со кризата со коронавирусот.Како партија секогаш сме на страната на солидарноста. Разбираме низ што поминуваат граѓаните и заеднички ќе се избориме против корона кризата“, велат од СДСМ.
Владата на 11 април како дел од економските мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 ја донесе Уредбата со која министри, пратеници, судии, обвинители, директори и сите други избрани и именувани лица одат на минимална плата од 14.500 денари во април и мај. Со оваа одлука ќе бидат опфатени 1.165 функционери и 895 директори, а вкупната заштеда за два месеци ќе биде 240 милиони денари или 3,9 милиони евра.
А. АНТЕВСКА