ГЕРМАНИЈА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПОТПИШАА БЕЗБЕДНОСЕН ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА ВО ИСТРАГИТЕ, ЗА ЗАШТИТЕНИ СВЕДОЦИ, ФОРЕНЗИКА, КРИМИНАЛИСТИКА

    ГЕРМАНИЈА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПОТПИШАА БЕЗБЕДНОСЕН ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА ВО ИСТРАГИТЕ, ЗА ЗАШТИТЕНИ СВЕДОЦИ, ФОРЕНЗИКА, КРИМИНАЛИСТИКАМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски Спасовски рече дека договорот ќе овозможи побрза размена на информации помеѓу институциите за спроведување на законот, во однос на лица вклучени во криминални дела, како и организирани групи на сторители и врските помеѓу нив, со цел спречување на постоечка суштинска закана за јавната безбедност. - Од потпишувањето на договорот за соработка на министрите Спасовски и Зихофер (Фото: МВР)

    Сојузниот министер за внатрешни работи, градежништво и татковина Хорст Зеехофер и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во Берлин потпишаа Договор за соработка во областа на безбедноста, кој базично се однесува на меѓународниот организиран криминал и тероризам. Двете држави ќе менуваат информации за сторители на кривични дела, ќе соработуваат во заштитата на сведоци, што е повисок степен на досегашната соработка меѓу полициите и обвинителствата на двете држави.

    „Западен Балкан е клучен за стабилноста на целата Европска Унија. Зад нас има многу пријателска и истовремено успешна соработка меѓу нашите две држави. Таа треба да се прошири, исто така и токму во областа борба против тешкиот и организиран криминал како и тероризмот. Договорот што сега го склучивме ќе ја даде правната рамка за тоа. Во суштина, тој содржи одредби за формите, условите и границите на соработка. Предвидена е, меѓу другото, размена на информации за сторители на кривични дела, општа размена на искуства како и спроведување на усогласени полициски мерки од двете договорни страни. Во иднина меѓу двете наши држави нема само посилно превентивно да дојде до размена, туку тие ќе соработуваат уште потесно и репресивно во истраги и при заштита на сведоци“, рече министерот Зеехофер .

    Спасовски рече дека договорот ќе овозможи побрза размена на информации помеѓу институциите за спроведување на законот, во однос на лица вклучени во криминални дела, како и организирани групи на сторители и врските помеѓу нив, со цел спречување на постоечка суштинска закана за јавната безбедност.

    Договорот ќе овозможи меѓусебна поддршка при потерници за лица или за украдени и изгубени предмети, при спроведување на координирани полициски активности за одбивање на опасности по јавниот ред и безбедност, во борбата против нелегалната миграција, соработката во областа на заштита на сведоци, а од особено значење ќе биде и размената на искуства во областите на форензиката, превенцијата од криминал, како и во областа на применетите методи, средства и техники на криминалистиката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира