Германија ја поздрави ратификацијата на договорот со Грција од страна на македонското Собрание и понуди сесрдна поддршка тој договор да успее.
Во соопштението што во петокот попладне го објави германската амбасада во Скопје се повикуваат „сите лидери, политички партии и граѓани во двете земји да ги препознаат придобивките од решавањето на долгогодишниот спор“.
Во соопштението се вели дека „решавањето на спорот за името промовира заедничка европска иднина и ќе донесе значајни можности за двете земји и во регионот, вклучувајќи и просперитет и безбедност“.
Во петокот и Британската влада ја поздрави ратификацијата на Договорот во македонското Собрание и исто како и Германија ги повика „сите лидери, политички партии и граѓани во двете земји да ги согледаат придобивките што ќе ги донесе решението на овој долготраен спор“.
Претходно, Владата на Македонија соопшти дека германската канцеларка Ангела Меркел преку писмо му честитала на премиерот Зоран Заев за постигнатиот договор за името со кој се решава 27-годишниот спор со Грција.