ГЛАВНИТЕ ВИНОВНИЦИ МУКОСКИ И ВАСИЛЕВСКИ СЕ АМНЕСТИРАНИ, А НАРАЧАТЕЛИТЕ СЛОБОДНО РАСПОЛАГААТ СО ДЕБЕЛИТЕ БАНКАРСКИ СМЕТКИ, КАЖА ИГОР ЈУГ ВО ЗАВРШНИОТ ЗБОР НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ГЛАВНИТЕ ВИНОВНИЦИ МУКОСКИ И ВАСИЛЕВСКИ СЕ АМНЕСТИРАНИ, А НАРАЧАТЕЛИТЕ СЛОБОДНО РАСПОЛАГААТ СО ДЕБЕЛИТЕ БАНКАРСКИ СМЕТКИ, КАЖА ИГОР ЈУГ ВО ЗАВРШНИОТ ЗБОР НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛОбвинетиот Игор Југ рече дека без никаков доказ го обвиниле за тероризам и дека сакал да го убие Зоран Заев. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот за организираниот напад на Собранието Игор Југ, кој не поднесе барање за амнестија и повтори дека нему може само Кацарска и советот да му судат, завршниот збор денеска го почна емотивно. Дека не е случајно што бил 13-то обвинет и дека е тежок малер, го поткрепи со негови факти од животот. Првин кажа дека пред две години умрел неговиот 21-годишен син, апсолвент и се расплака. Се врати наназад и кажа, дека татко му му починал на раце кога бил 16-годишно момче, а за мајка му бил „поподготвен“, му починала кога имал 30-тина години.

    Рече дека без никаков доказ, само по физичкиот изглед: тетоважите, поради тоа што е ќелав, со брада до појас и Хрват, демек усташ, го обвиниле за тероризам и дека сакал да го убие Зоран Заев.

    „Кој ќе даде задача на ветеринарен техничар да изврши атентат врз премиер? Тоа не е проверка на стелност на крава или штроење прасе. За тоа сум обучен. Знаете ли дека атентатот е ладнокрвно убиство? Ако дал наредба некој за атентат на премиерот, зошто не го фатат тој што нарачувал атентат?“, праша Игор Југ. Негираше и дека носел пиштол.

    Југ продолжи со сета жестина од неправда, како што рече, што „главните виновници Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои ги отворија собраниските врати за да влезе толпата беа амнестирани“.

    „Првин се бранеа со молчење за да не бидат прашани кој го нарача нападот на Собранието на 27 април 2017 година, а потоа беа амнестирани. Главните актери се на слобода, слободно располагаат со нивните дебели банкарски сметки. Ние обичните смртници, во затвор“, критикуваше во завршен збор Игор Југ.

    Тој рече дека главните актери, нарачатели на насилствата, ги познава уште кога возеле застава „стокец“ со заварена кука и носеле костуми од „Шутекс“.

    „Велике рибе једу мале, за идеале гину будале“, рече тој.

    „Не скршив ништо, не носев оружје, не удрив никого, виновен сум што влегов во Собранието. Судете ме за тоа. Не сум терорист. На Заев не му се ни доближив, фокусиран бев на Влатко Ѓорчев, постоеше опасност толпата нему да му се истури зашто ги бранеше пратениците. Како влегов, така и излегов. Низ отворените врати на Собранието од оние што лепат сега плочки на, Стадион“, го заврши завршниот збор обвинетиот Игор Југ.

    Рече дека додека е во притвор, му се родила ќерка Катарина, која уште не ја видел и гушнал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари