ГЛОБАЛНИОТ КООРДИНАТОР ЗА АНТИКОРУПЦИЈА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ РИЧАРД НЕФЈУ НЕНАДЕЈНО ДОЈДЕ КАЈ ПЕНДАРОВСКИ

    ГЛОБАЛНИОТ КООРДИНАТОР ЗА АНТИКОРУПЦИЈА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ РИЧАРД НЕФЈУ НЕНАДЕЈНО ДОЈДЕ КАЈ ПЕНДАРОВСКИЗа средбата Пендаровски даде протоколарно соопштение во кое не открива детали за посетата од највисок ранг на антокорупциската борба во САД (Фото: Претседателски кабинет)

    Кај претседателот на државата Стево Пендаровски утринава дојде Ричард Нефју од американскиот Стејт Департмент, придружуван од амбасадорката Анџела Агелер, во посета на највисоко ниво за борба против корупцијата.

    Нефју е глобален координатор за антикорупција на Стејт департментот. Посетата не беше најавена во јавноста.

    За средбата Пендаровски даде протоколарно соопштение во кое не открива детали за посетата од највисок ранг на антикорупциската борба. Не знаат ни во обвинителството за што се разговарало. На прашањето дали ние тоа многу сме ја оплескале како држава во однос на распространетост на криминал и корупција, кои ги засегаат интересите и на други држави, во случајов САД, во разговорот со обвинители ни го кажаа спротивното: „тоа е доказ оти Стејт департментот верува во она што го работат истражните органи во Македонија во борбата против корупцијата и во резултатите што треба да следат“.

    „На средбата се разговараше за актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување на ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси. Претседателот Пендаровски истакна дека борбата против криминалот и корупцијата, на секое ниво, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

    Претседателот пред Агелер и Нефју ја посочил подготвеноста на државата, во согласност со националните приоритети, да ја продолжи соработката со САД во напорите за сузбивање на корупцијата, а во функција на унапредување на демократските процеси во државата преку овозможување на добро управување и владеење на правото.

    „На средбата претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија високо ја цени поддршката и помошта што ја добива од САД во нејзините напори за подобрување во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и изрази очекување таа да продолжи преку поддршка во градењето на капацитети“, кажа неговиот кабинет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира