ГЛУПОСТ Е ДА СЕ ТВРДИ ДЕКА АМАНДМАНИ ЗАВРШИЛЕ ВО КОНТЕЈНЕР, ВЕЛАТ ОД СОБРАНИСКИТЕ СЛУЖБИ

    ГЛУПОСТ Е ДА СЕ ТВРДИ ДЕКА АМАНДМАНИ ЗАВРШИЛЕ ВО КОНТЕЈНЕР, ВЕЛАТ ОД СОБРАНИСКИТЕ СЛУЖБИВМРО-ДПМНЕ поднесе 35 илјади амандмани во третото читање на Законот за употреба на јазиците, за кој пратениците по одбивањето да го потпише претседателот Ѓорге Иванов, би требало да гласаат на седницата закажана в понеделник. Пратениците на НСДП и на СДСМ, Горан Мисовски, Јован Митрески и Јагода Шахпаска (Фото.СДК.МК)

    Сите амандмани се архивирани и сигурни, заведени во книга. Глупости се некој да тврди дека архивирани амандмани се фрлени во ѓубре, тоа нема шанси, тоа не е вистина, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од службите во Собранието, откако порталот Република синоќа ја објави веста, а неколку други медиуми ја пренесоа.

    „Околу 100 луѓе работат од петокот на архивирање и евидентирање на сите поднесени амандмани, службите се организирани максимално. Амандманите се сите  тука. Утре ќе информираме за поднесените амандмани. Ќе може да се направи и увид во нив. Тука е и тој амандман кој беше објавен на слика што наводно бил фрлен во контејнер и има архивски број“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК, вработени во собраниските служби.

    Порталот Република.мк,  објави дека дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазици биле најдени фрлени во контејнер до Собранието.

    Порталот објави и фотографии и видео од амандмани кои го имаа архивскиот број на Собранието.

    Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе околу 35 илјади амандмани во третото читање на Законот за употреба на јазиците, за кој пратениците (по вторпат) би требало да гласаат на седницата закажана в понеделник.

    Но, претседателот на Собранието Талат Џафери за САКАМДАКАЖАМ.МК вчера изјави дека ќе ја чека вкупната бројка на амандманите во врска со забелешките на шефот на државата Ѓорге Иванов, кој одби да го потпише указот за еднаш веќе изгласаниот Закон за јазици.
    „Јас немам право да им го ускратувам правото на пратениците да поднесуваат амандмани. Но она што сакам да го истакнам е дека Законот за употреба на јазиците е веќе изгласан. Сме поднесувале и ние илјадници амандмани, но не е исто кога ќе поднесете волку амандмани на второто читање на еден закон и кога ќе поднесете на третото читање, како што сега тоа го прави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Намерата е јасна, да се блокира изгласувањето и примената на Законот за јазиците, а не тој да се поправа.“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК , претседателот на Собранието Џафери.

    Џафери останува на ставот дека штета со блокадата за законот и на работата на Собранието, повторно ќе претрпи ВМРО-ДПМНЕ.

    „Спротивно на позициите што ги прокламираат високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ дека се за комуникација со сограѓаните Албанци, тие директно удираат по таа комуникација. Во тој контекст оди ова блокирање на нивна и на штета на партијата“, смета Џафери.

    За 30.000 амандмани, претседателот на Собранието Џафери пресметал дека под услов секој работен ден да ја има на дневен ред оваа точка, и ако за секој амандман мора да се дадат три минуди за образложение од подносителот, Собранието би расправало 90.000 минути или математички, вели тој, најмалку шест месеци расправа само за поднесените амандмани на ВМРО –ДПМНЕ.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира