Поранешниот премиер Зоран Заев вели дека пресудата на Апелација со која се укинува пресудата на Сашо Мијалков за масовно прислушување е исмевање на борбата за правда. Заев утрово во објава на фејсбук прашува дали следно е враќање на Никола Груевски на бел коњ, а Мијалков да стане директор на АНБ.
Одлуката во Апелациониот суд Скопје ја донесе Советот на судии на чие чело е Јани Нича, а членови се Енвер Беџети кој беше судија известител, кој со месеци го чуваше предметот „Тврдина-Таргет“ кој ќе застари за 2 години, Ѓоко Ристов, Лидија Чачева и Тања Милева.
Милева е сопруга на Игор Милев, поранешен адвокат на Зоран Заев во случаите кои ги формираше УБК под команда на Мијалков. Милев е и член на СДСМ, сега е на функција во царината, а беше и член на Државната изборна комисија кога неговата сопруга беше избрана од Велешкиот суд во Апелациониот суд во Скопје.
„Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција. Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам“, напиша Заев и ги повика сите надлежни да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сè виновниците да одговараат бидејќи „за нивните злодела има докази чисти како ден“.
Апелациониот суд Скопје ја укина 12-годишната затворска казна за масовното незаконско прислушување за Сашо Мијалков, осуден како поранешен директор на УБК во предметот „Тврдина-Таргет“, што се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Овој предмет Апелација не го одлучуваше од април, и не даваше образложение зошто го чува толку време, за вчера да објави само дека е укината пресудата и вратен е на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Со ова, Апелациониот суд овозможи и придонесе овој предмет набргу да застари и повеќе кривично да не се гони. Во „Тврдина-Таргет“ кривичното дело за Сашо Мијалков застарува во 2025. Другите обвинети се со обвинителен акт, само тој е со обвинителен предлог.
- СУДИЈКАТА ЛИДИЈА ЧАЧЕВА, КОЈА ОДЛУЧУВАЛА ВО ПРЕДМЕТОТ „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ И ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА МИЈАЛКОВ, СУДСКИОТ СОВЕТ ЈА ПЕНЗИОНИРАЛ УШТЕ НА 7 ДЕКЕМВРИ
- АПЕЛАЦИОНИОТ СУД МУ ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА НА САШО МИЈАЛКОВ И ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ, ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗАСТАРУВА И ДЕЛОТО
- ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА ГИ ОБЈАВИ ПРИЧИНИТЕ ЗОШТО ПЕТТЕ СУДИИ ЈА УКИНАЛЕ ПРЕСУДАТА ПРОТИВ МИЈАЛКОВ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ, А ЗАКОНОТ Е СМЕНЕТ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОБЈАВАТ