ГО ДОБИВ НАЈДОБРИОТ ПОДАРОК, КАЖА НИМИЦ, КОЈ ДЕНЕСКА ВО ПРЕСПА ГО СЛАВИ 79. РОДЕНДЕН

    ГО ДОБИВ НАЈДОБРИОТ ПОДАРОК, КАЖА НИМИЦ, КОЈ ДЕНЕСКА ВО ПРЕСПА ГО СЛАВИ 79. РОДЕНДЕН„Долги години разрешувајќи ги овие проблеми резултираше со спогодба која е спроведлива, и која може да служи како пример за ЕУ и за светот дека двајца соседи можат да решат проблем ако се заложат за тоа“, рече Нимиц (Фото: СДК.МК)

    Метју Нимиц, специјалниот претставник на Обединетите нации кој беше медијатор во решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција од 1999 година, денеска слави 79 години. На свеченото потпишување на договорот меѓу двете земји во Псарадес (Нивици) на грчката страна од Преспанското Езеро тој кажа дека да се најде решение за овој проблем бара политичка храброст, стратешка визија и дипломатски вештини.

    Присутните му пееја „Среќен роденден“, а доби и торта од грчкиот министер Никос Коѕијас.

    „На моето семејство му кажав дека оваа година не сакам подароци за роденденот, оти двајца премиери ќе ми дадат голем подарок. Мојата работа е завршена, а овие четворица лидери треба да почнат со работа за да го имплементираат договорот и да ја продлабочат сорабоката меѓу двете земји“, кажа Нимиц.

    „Би сакал да упатам честитки на четирите големи водачи од овој регион. Овие лидери покажаа дека ги имаат овие квалитети. Не може често да најдете политичка храброст, стратешка визија и дипломатски вештини и треба да бидеме среќни што имаме вакви луѓе. Работејќи толку многу години на овој спор верувам дека овој договор е од стратешки интерес на двете земји. Ми беше чест што бев медијатор и сега да го посведочам потпишување на овој договор. Долги години разрешувајќи ги овие проблеми резултираше со спогодба која е спроведлива, и која може да служи како пример за ЕУ и за светот дека двајца соседи можат да решат проблем ако се заложат за тоа“, рече Нимиц.

    Тој им се заблагодари на Европската унија и на сите пријателски земји кои ги вложиле сите напори за да се најде решение на речиси тридеценискиот спор.

    Пред него, посредник во спорот за името беше Сајрус Венс.

    Договорот насловен како „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“ го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров.

    Со договорот името на земјата ќе биде Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот, јазикот е македонски без фуснота и е потврден од ОН, а националност – македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).

    Благодарност до Нимиц упати и македонскиот премиер Зоран Заев, кој кажа дека посредникот посветил три децении од својот живот во решавање на спорот.

    „Денес најмалку што можевме е да го славиме неговиот роденден по повод потпишувањето на овој договор“, кажа Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира