ГО ФАЛЕА ТАРАВАРИ, ПА МУ СЕ ЗАКАНИЈА ОТКАКО ИМ ГО НАЛУТИ ЛИДЕРОТ ГРУЕВСКИ

    ГО ФАЛЕА ТАРАВАРИ, ПА МУ СЕ ЗАКАНИЈА ОТКАКО ИМ ГО НАЛУТИ ЛИДЕРОТ ГРУЕВСКИЗа време на расправата за избор на нова влада на 30 мај, Милошоски и Димовски го посочија Таравари како единствен прифатлив кандидат за ВМРО-ДПМНЕ од предлозите за министри. - Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Антонијо Милошоски и министерот за здравство Арбен Таравари (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ денеска му порача на министерот за здравство Арбен Таравари „многу да не се сили, да не скока, да се приземји, да не дојде брзо време да го моли за нешто ВМРО-ДПМНЕ“, само четири дена откако во Собранието, пратениците Антонијо Милошоски и Илија Димовски го испофалија како единствен добар кадар во владата на Зоран Заев.

    „Му порачуваме многу да не се сили, да не скока, да се приземји, да не дојде брзо време да го моли за нешто ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно нема доволно политичко искуство, па ако станал министер мисли дека вечно тоа и ќе биде, и веднаш ја покажува својата ароганција и ксенофобичност. Арбен Таравари да излезе од улогата на политички месија, и да се започне да работи тоа што е, и она за што зема плата од граѓаните, министер за здравство“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

    Денешното соопштение на најголемата опозициска партија доаѓа како реакција на вчерашната изјава на Таравари дека неговата партија Алијансата за Албанците нема да разговара со ВМРО-ДПМНЕ сѐ додека на чело на партијата е Никола Груевски. Таравари, исто така, завчера беше единствениот министер од владата на Заев кој не отиде на приемот кај претседателот Ѓорге Иванов, за кого кажа дека сноси дел од кривицата за она што се случи на 27 април во Собранието.

    На 30 мај, за време на расправата по експозето на премиерот Зоран Заев, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски го фалеше Таравари како личност со „многу добра биографија“ и му посака успех во извршување на министерската функција.

    „Докторот Таравари има една многу добра биографија и сметаме дека со една таква биографија, барем за почеток, заслужува да добие доверба и да го води ресорот за кој што е определен и се надевам дека ќе има успех во извршување на таа задача. Доколку се гласа поединечно, за него би имале позитивно мислење“, кажа Милошоски од собраниската говорница.

    Истиот ден, поддршка за Таравари изрази и неговиот сопартиец Илија Димовски, кој кажа дека Таравари има кадровски потенцијал и како личност, а според неговата биографија, заслужува да биде дел од предлозите за министер.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира