Со положување венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, утрово македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот колега Бојко Борисов ја почнаа прославата на двата македонски Илиндена – 114 годишнината од Илинденското востание и 73 – годишнината од првото заседание на АСНОМ.
Мотото на годинашното чествување е инспирирано од Крушевскиот манифест и гласи: „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“.
Пред церемонијата со положувањето венец, Заев рече дека „историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на коишто почнавме да ја градиме европската и евроатланска иднина на Македонија, која што води до квалитетен живот“.
„Го послушавме Гоце Делчев, кој ни рече ‘да не се губи времето’. Бидете горди, патот на Македонија е отворен. Потребни ни се стабилност, развој и европска иднина“ рече Заев.
Тој рече дека успехот не е на еден човек или на една партија, туку „на сите вo оваа наша Македонија“, набројувајќи ги сите етнички заедници кои живеат во земјата.
„Македонија најубаво ќе ја градиме сите заедно. Тој збор ‘заедно’ е најсилната гаранција за иднината на Македонија“, рече Заев и нагласи дека по демократските промени во земјата, потребни се и демократски промени во регионот, а одговорноста ја опиша како храброст и одлучност да се оди напред, кон вистинската цел. За Македонија тоа се ЕУ и НАТО, и како што рече, земјата на тој пат го прави неопходното.
„Подадовме раце, и има раце кои се испружија кон нас. Со Република Бугарија заедно ја испраќаме пораката- регионот се однесува евроспки и заслужува да живее европски. Во наредниот период очекуваме и други раце испружени кон нас“, рече Заев.
Со церемонијата на положување венец на гробот на Гоце Делчев заврши и дводневната посета на бугарскиот премиер Борисов, во рамките на која вчера беше потпишан и Догвоор за соработка и добрососедство меѓу двете земји.
Премиерот Заев заминува за Подгорица, каде што, заедно со премиерот на Црна Гора е кодомаќин на средба на потпретседателот на САД Мајк Пенс, со високи претставници на земјите членки и на земјите набљудувачи членки на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Македонија.