ГОРД СУМ НА ВЧЕРАШНА АКЦИЈА ВО КОЧАНИ, НИКОЈ НЕ ЗАГИНА, ИЗГОРЕА САМО ПОКРИВИ НА ДВЕ КУЌИ И ТРЛО, РЕЧЕ СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

    ГОРД СУМ НА ВЧЕРАШНА АКЦИЈА ВО КОЧАНИ, НИКОЈ НЕ ЗАГИНА, ИЗГОРЕА САМО ПОКРИВИ НА ДВЕ КУЌИ И ТРЛО, РЕЧЕ СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВАнгелов вели дека хеликоптерите не можат да летаат над 37 оти се загреваат и може да паднат. (Фото: Влада на РСМ)

    Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, смета дека синоќа соодветно е постапено во Кочани и на другите локации кои гореа во пожарите, па затоа избегнати се човечки жртви, а материјалната штета е минимална. Во пожарот во Кочани ситуацијата одеднаш се влошила откако почнал да дува силен ветер, а во тој момент хеликоптерот на Армијата не можел да интервенира бидејќи гасел пожар во Старо Нагоричане, каде исто така состојбата била драматична.

    „Кога градоначалникот на Кочани Николчо Илијев побара хеликоптер тоа беше после 16 часот, тој беше во Старо Нагоричане и таму беше критична ситуацијата, а другиот хеликоптер беше приземјен поради дефект. Ако тргнеше кон Кочани немаше да има доволно гориво за да гасне, требаше да оди до Скопје, но така само ќе се изгубеше време. Во Старо Нагоричане не можеше да се интервенира од земја оти беше непристапен терен, а во Кочани можеше, затоа хеликоптерот беше попотребен таму. Хеликоптерите не можат да летаат кога температурата е над 37 степени, тогаш се загрева и може да падне. Зар треба да дозволиме да ни се сруши хеликоптер, па имавме ситуација кога беше толку загреан што мораше да оди над 2.000 метри висина за да се олади и да може безбедно да се спушти. Јас тоа нема да го дозволам, безбедноста на луѓето е на прво место. Нека изгори сè, нека бидат живи и здрави луѓето. Вчера никој не загина, изгореа само два покриви, не цели куќи. Дрвјата пак ќе израснат, но животите никогаш нема да се вратат и затоа ќе бидеме фокусирани најпрво на граѓаните, а потоа на материјалните добра“, рече Ангелов.

    Денеска пожарите се гаснат со два армиски хеликоптери, а како што кажа Ангелов, попладнево се очекува да стигнат и 4 од Србија. На состанок на Кризниот штаб била разгледувана моменталната сотојба и заклучено е дека нема потреба од прогласување кризна состојба, бидејќи веќе околу 1.000 припадници на Армијата се на терен, а најавена е и помош од други земји.

    „Не е точно дека ништо не сме презеле вчера. Јас имав слободен ден и заминав во Крушево со приватно возило на чествувањето на 2 Август. Не треба да сум на местото на пожарот за да ги координирам активностите. Па утрово имавме 16 пожари, зар јас треба да сум на сите места? Синоќа поради добрата координација со претседателот Стево Пендаровски додека бевме во Крушево, спасивме ивоти. Веднаш без да се запазат формалните процедури беше одобрено Армијата да се вклучи и горд сум како ја решивме ситуацијата“,  рече Ангелов додавајќи дека пожари има насекаде и дека многу побогати и поорганизирани земји од нас не можат да се справат со огновите.

    Во моментов пожарите се ставени под контрола и поголеми се само во Старо Нагоричане и Кочани.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира