Граѓаните кои се во странство и сакаат да се вратат во Македонија сами ќе си ги платат авионските карти. Од Министерството за надворешни работи велат дека ваквата одлука е донесе поради економските последици од КОВИД-19.
„Со оглед на притисокот врз буџетот предизвикан од кризата со коронавирусот, Владата одлучи граѓаните кои ќе бидат вратени во земјата со чартер летови организирани од државата, сами да ги платат своите авионски карти. Во моментов се разгледува можноста за одложено плаќање на рати“, велат од Министерството за надворешни работи.
Според првичните податоци на МНР, околу 2.300 граѓани се наоѓаат во странски земји и побарале да се вратат во земјата. Но, откако им било кажано дека ќе треба најмалку 15 дена да останат во државен карантин, дел од нив се откажале. Како што кажа министерот Никола Димитров, група од Истанбул одбила да се врати во земјава, а од 33 Македонци во Полска само 7 се вратија со хуманитарниот лет што го организираше полската влада.
Денеска истекува рокот за пријавување на јавниот повик за хотели во државава кои имаат повеќе од 50 легла и кои доброволно сакаат да ги отстапат своите капацитети за формирање државни карантини. Максималниот надомест кој државата може да го обезбеди за хотелите изнесува до 10 евра по легло, од ден. Хотелите кои ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин којшто ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот.
А. АНТЕВСКА