ГРЦИЈА ДА РАЗМИСЛИ КАКОВ СОСЕД САКА Е ПОРАКАТА СО КОЈА ДИМИТРОВ ОДИ ВО АТИНА

    ГРЦИЈА ДА РАЗМИСЛИ КАКОВ СОСЕД САКА Е ПОРАКАТА СО КОЈА ДИМИТРОВ ОДИ ВО АТИНАМинистерот за надворешни работи Никола Димитров утре оди за Атина да ја обнови довербата меѓу двата соседи. - Димитров на првата седница на новата влада на 5 јуни (Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека ќе побара од Грција да се преиспита каков сосед сака пред утрешната средба со неговиот грчки колега Никос Коѕиас во Атина. Дали Грција сака стабилна, пријателска Македонија, прашува Димитров, кој вчера го придружуваше премиерот Зоран Заев во Брисел на средбите со највисоките претставници на ЕУ и НАТО, Федерика Могерини, Доналд Туск, Јоханес Хан и Јенс Столтенберг, по кои Заев рече дека планот на новата влада е Македонија да добие покана од НАТО со привремената референца, а додека тече ратификацијата во сите 29 члена на НАТО, секако добиваме две години дополнително да се најде решение за спорот со името со Грција.

    На иста линија е вчерашната изјава на Димитров за „Политико“.
    „Приклучувањето на НАТО како ПЈРМ ќе помогне да се создаде клима која што ќе ни овозможи сами да го решиме името. Блoкадата од Грција не придонесува за попријателски настроено јавно мислење во Македонија кон Грција, бидејќи тие ни ја затворија вратата во НАТО и ЕУ“, кажа Димитров за европското издание на американскиот портал.

    Претходно, во изјава за „Фајненшл Тајмс“, Димитров кажа дека е прерано да се дискутира за какви било предлози за името пред средбата во Атина, каде што оди, како што вели тој, да ја обнови довербата меѓу двата соседи откако Атина во 2008 година стави вето за македонското влегување во НАТО.

    „Ќе побарам Грција да се преиспита каков сосед сака – дали сакаат стабилна, пријателска земја која што нуди надеж за демократија и правда? Ако сме добар сосед, тогаш се надевам дека политичките сили во Грција ќе сфатат дека ова е историска можност“, изјави Димитров за британскиот весник, чиј текст предизвика вознемиреност кај македонската јавност поради првичниот наслов „Македонија предлага промена на името во обид да му се приклучи на НАТО“, кој неколку часа подоцна беше сменет во „Македонија размислува да го користи привременото име за да влезе во НАТО“.

    „Треба да покажеме добра волја кон нашите грчки пријатели. Што пофини сме ние, толку потешко ќе им биде да нѐ блокираат“, додава Димитров.

    Новата влада се надева дека загриженоста меѓу членовите на НАТО околу руската вмешаност на Балканот ќе обезбеди дипломатска динамика за Македонија да ја следи Црна Гора како 30. членка на организацијата.
    „Блокадата на евроатлантските интеграции се покажа како лоша за Македонија и како последица на тоа во земјата се создаваат кризи. Сиве овие години на блокада на процесот за влез во НАТО покажаа дека стоењето во место предизвикува кризи. Очекувам поддршка и од Грција за решавање на овој проблем“, кажа Заев во Брисел.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира