ГРЦИЈА ГИ ПРИФАЌА И ТУРИСТИТЕ СО КИНЕСКИ И РУСКИ ВАКЦИНИ

    ГРЦИЈА ГИ ПРИФАЌА И ТУРИСТИТЕ СО КИНЕСКИ И РУСКИ ВАКЦИНИГраницата на Грција со Македонија цела година е затворена за патници, освен за итни случаи и за транспортери. (Фото: СДК.МК)

    Грција ќе ги признава сите вакцини против ковид-19, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), кога ќе почне да прима странски туристи од 14 мај, кога и официјално ја отвора својата летна сезона.

    Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерствио за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија. Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцина на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“ (спутник).

    Грција нагласува дека вакцинирањето не е задолжителен услов за влез во земјата, туку доволен ќе биде и негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, односно доказ за прележан ковид-19.

    Европската комисија во март отвори расправа за воведување таканаречени ковид пасоши, со цел да се овозможи слободно патување во рамките на ЕУ ова лето. Притоа беше најавено дека ќе се признаваат само вакцините одобрени од ЕМА, иако секоја земја индивидуално ќе може да реши за ова.

    Министерот за здравство Венко Филипче најави дека и македонските граѓани ќе можат да патуваат во Грција од 14 мај, при што исто така ќе мора да приложат потврда за вакцинирање или негативен ПЦР тест.

    Денеска во Скопје и на пунктови во уште шест градови почна масовната вакцинација со 200.000 дози од кинеската вакцина на „Синофарм“.

    Според Институтот за јавно здравје, откако почна вакцинацијата против ковид-19, заклучно со 2 мај, со „Фајзер/Бионтек“ вакцинирани се вкупно 19.858 (15.933 со прва доза и 3.925 со втора доза), со „спутник“ се вакцинирани 34.177 (22.768 со прва доза и 11.409 со втора доза), со вакцината на „АстраЗенека“ вкупно се вакцинирани 21.949 лица и со „Синофарм“ се вакцинирани 953 лица.

    Иако податоците се неофицијални оти уште не се направени вкрстувања на податоците со српските здравствени власти, со прва доза на „АстраЗенека“ се вакцинирани најмалку уште 15.000 македонски граѓанки и граѓани кои во сопствена режија си ја организираа имунизацијата во здравствените домови во Врање, Ниш и Белград.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира