ГРУБИ Е ВО ПРИШТИНА СО АХМЕТИ КАКО ШЕФ НА НЕГОВИОТ КАБИНЕТ, А НЕ КАКО ВИЦЕПРЕМИЕР, ВЕЛАТ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВ

    ГРУБИ Е ВО ПРИШТИНА СО АХМЕТИ КАКО ШЕФ НА НЕГОВИОТ КАБИНЕТ, А НЕ КАКО ВИЦЕПРЕМИЕР, ВЕЛАТ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВАртан Груби на првата владина седница завчера, ден пред да отиде со Ахмети. (Фото: Влада)

    Првиот вицепремиер во владата Артан Груби кој од вчера е во придружба на Али Ахмети во Приштина, каде овие два дена му се врши распит како сведок од страна на Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, таму бил во својство на шеф на кабинет на сведокот и како секретар на ДУИ.

    „Груби во Приштина не е во својство на вицепремиер“ е одговорот до САКАМДАКАЖАМ.МК упатени до кабинетот на премиерот Зоран Заев, кој му е претпоставен на Груби во Владата.

    На прашање дали Груби го регулирал отсуството од работа или можеби зел слободни денови, од владата ни одговорија: „Првиот вицепремиер Груби во текот на вчерашниот и денешниот ден ги извршуваше сите свои задачи во рамки на владината функција и во Министерството со кое раководи. Првиот вицепремиер беше присутен на своето работно место во вчерашниот ден, а учествуваше и на денешната втора седница на Владата на Република Северна Македонија на која од страна на премиерот му беше врачено мандатно писмо со утврдени мисија и задачи. Активностите коишто Груби ги извршува како шеф на кабинет на претседателот на ДУИ и организациски секретар на ДУИ се целосно одвоени од владините активности“.

    Распитот на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети од страна на Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово се одвива во просториите на меѓународната правна мисија на Европската унија  ЕУЛЕКС.

    Ахмети е повикан како сведок во истрагата која обвинителството ја отвори против актуелниот претседател на државата, Хашим Тачи и против лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер Кадри Весели. Тие се основачи и водачи на поранешната ОВК, исто како што е и Ахмети.

    Истрагите што ги работат европски обвинители и судии на Косово, се однесуваат на сомневања за извршени воени злосторства од јануари 1998 до декември 2000 година.
    Конфликтот кај нас почна во 2001 година, кога и првпат дознавме за воениот командант на ОНА Али Ахмети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира