Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска не се сретнал со специјалниот пратеник на германското министерство за надворешни работи Јоханес Хајндл, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Од партијата нема објаснување зошто лидерот не присуствувал на средбата.
Вчера германската амбасада во Скопје соопшти дека амбасадорот Јоханес Хајндл, „одново ќе разговара со партиите- потписнички на Пржинскиот договор како и со претставници на меѓународната заедница“. Еден од потписниците на Пржинскиот договор е токму Груевски. Хајндл е специјален пратеник на сојузниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штаjнмаер за Македонија.
Берлин одлучи директно да се вмеша во решавање на кризата во Македонија во мај годинава, кога германскиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер, го назначи Јоханес Хајндл за специјален пратеник за Македонија. Од тогаш тој три пати доаѓаше во Македонија, но секогаш е затворен во изјавите и не открива речиси ништо од разговорите.
Од денешната средба во ВМРО-ДПМНЕ партијата објави соопштение дека „делегација од ВМРО-ДПМНЕ оствари средба со германскиот специјален пратеник г-дин Јоханес Хајндл“. Нема информација кој бил во делегацијата, а не е објавени ниту фотографија од средбата.
Од германска страна нема никакво соопштение.
На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со постигнување на решенија од областите опфатени со политичкиот договорот постигнат минатата година, како и европските интеграции како дел од стратешките приоритети на државата, стои во соопштението на партијата.
На конференцијата за Западен Балкан, која во понеделник беше организирана од францускиот претседател Франсоа Оланд во Париз, германската канцеларка Ангела Меркел ги увери земјите од југоисточна Европа дека таа е посветена да ги води кон Европската унија, и покрај тоа што блокот се соочува со кризата предизвикана од одлуката на Обединетото кралство да ја напушти унијата.