ГРУЕВСКИ ЈА НАПОЛНИ ПАРТИЈАТА СО ДОЈДЕНЦИ, А НА НАС ВИСТИНСКИТЕ ВМРОВЦИ НИ СЕ СМЕЕЈА И НÈ ВИКАА ПРОСТИ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ ИГОР ЈУГ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ГРУЕВСКИ ЈА НАПОЛНИ ПАРТИЈАТА СО ДОЈДЕНЦИ, А НА НАС ВИСТИНСКИТЕ ВМРОВЦИ НИ СЕ СМЕЕЈА И НÈ ВИКАА ПРОСТИ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ ИГОР ЈУГ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ„Сум работел сè за ВМРО-ДПМНЕ, од лепење плакати, до обезбедување конгреси и тоа бесплатно, а тие се откажаа од нас уште првата вечер, како што Свети Петар се откажа од Исус“, сведочеше Југ. - Обвинетио Игор Југ на судењето за 27 април (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Игор Југ давајќи jа својата одбрана денеска пред судот кажа дека никој лично не го пратил на 27 април лани во Собранието, туку сите оние кои преку телевизија, емисии, обраќања, прес-конференции, изјави во весници го повикуваа народот да излезе на улица и да ја брани татковината.

    „Во пораката која ја презентираше обвинителството во која велам дека тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија, мислам токму на овие луѓе. Тие што не собраа храброст да му се придружат и да го поведат народот. Се криеја како глувци, а народот го буцкаа и с’скаа. Исклучок е Антонијо Милошоски, кој најде доблест и излезе со народот“, рече Игор Југ, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на организираниот напад во Собранието на 27 април лани.

    Обвинителката Вилма Русковска го праша Југ дали со тоа што кажа дека пред Собрание бил поради настапи на телевизии, дали мисли на Никола Груевски кој на ТВ интервју рече дека народот не треба да седи по папучи дома, туку да ја земе судбината во свои раце.

    „Мислам од сите партиски директори до претседателот на Република Македонија. Инаку, Никола Груевски го сметам за добар премиер, ама лош претседател на партија. Партијата ја наполни со дојденци, а на нас вистинските вмровци ни се смееја и нè викаа прости“, одговори обвинетиот Игор Југ.

    Југ пред судот кажа дека тој е вмровец, а не дпмновец и дека за него идеологијата на организацијата е нешто најсвето.

    „Јас во секој претседател на партијата барам нов Тодор Александров, а не како овие со полни банкарски сметки, јахти од 40 метри и купишта лаги за народот. Јас сè сум работел за ВМРО-ДПМНЕ. Сум работел сè од лепење плакати, до обезбедување конгреси и тоа бесплатно. Тие се откажаа од нас уште првата вечер, како што Свети Петар се откажа од Исус. Сè уште сум гневен на тие луѓе, од кои добив само прогон, а го дадов срцето и душата за нив“ рече Југ.

    Во однос на телефонските повици кои на 27 април ги имал со Александар Василевски – Нинџа, Југ рече дека се слушале оти тој му ги тренира кучињата и требало да му даде лек за кучињата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира