ГРУЕВСКИ НЕ ОДГОВАРА НА ПОРАКИТЕ НА АДВОКАТОТ НА ФЕЈСБУК И ВИБЕР, НИ ПРЕКУ ЖЕНА МУ И МАЈКА МУ, САКА ДА СЕ ВРАТИ КОГА ЌЕ ИМА УСЛОВИ И ДА ГИ ПОВТОРИ СУДЕЊАТА ПРОТИВ НЕГО

    ГРУЕВСКИ НЕ ОДГОВАРА НА ПОРАКИТЕ НА АДВОКАТОТ НА ФЕЈСБУК И ВИБЕР, НИ ПРЕКУ ЖЕНА МУ И МАЈКА МУ, САКА ДА СЕ ВРАТИ КОГА ЌЕ ИМА УСЛОВИ И ДА ГИ ПОВТОРИ СУДЕЊАТА ПРОТИВ НЕГОПо бегството на 10 ноември лани, Груевски им го откажа полномошното на адвокатите во сите предмети кои го застапуваа. Во „ТНТ“ за „Космос“, а Основниот суд Скопје 1 му го назначи по службена должност адвокатот Мехмед Сефери од Скопје. - Никола Груевски; Мехмед Сефери (Фото: СДК.МК)

    Неколку дена пред изрекувањето на пресудата за одмаздничкото уривање на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, адвокатот на избеганиот во Унгарија Никола Груевски и натаму не може да стапи во контакт со клиентот. На Груевски, за наредба и нарачување на незаконското уривање, зашто Цаноски во 2010 година ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, му се суди во отсуство.

    По бегството на 10 ноември лани, Груевски им го откажа полномошното на адвокатите во сите предмети кои го застапуваа. Во „ТНТ“ за „Космос“ Основниот суд Скопје 1 му го назначи по службена должност адвокатот Мехмед Сефери од Скопје.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали комуницира со клиентот Груевски, Сефери одговори:

    „Веднаш штом бев назначен по службена должност за бранител на господинот Груевски, пробав да стапам со него преку социјалните мрежи. Му пишав на Фејсбук, пробував да му се јавам, попусто. Се обидував цело време, не се откажав, но тој ги гледа пораките, а не ми одговара. Се обидов да стапам во контакт со неговата сопруга или со мајката и така да направиме муабет. Но, еден од поранешните негови бранители, мој колега, ми кажа да не се обидувам да го барам, бидејќи не сакал со мене да зборува. Ќе се врател кога ќе имало услови и ќе барал да се повторат сите постапки кои би биле завршени против него“, вели адвокатот Сефери.

    Сакал-нејќел бегалецот Груевски, Сефери останува по службена должност, до завршување на постапката.

    Поранешниот премиер Груевски има упатен налог за отслужување на затворска казна во траење од две години. Осуден е за нарачка да му купи Гордана Јанкулоска мерцедес од 600 илјади евра од буџетот на полицијата, со наместен тендер. Налогот за возилото кое го одбрал тогашниот премиер Груевски потоа Јанкулоска му го предава на Ѓоко Поповски, кој ја распишува наместената јавна набавка за „тоа на М“.

    Таа пресуда Груевски преку адвокатите ја даде пред Врховниот суд, кој тактизира и веќе една година не ја става на дневен ред на одлучување. Судењата кои не се завршени за обвинетиот Груевски не се опасни, но ако биде осуден за злоупотреба на службената положба и овластувањата во „ТНТ“, каде најниската затворска казна е предвидена 5 години, тој ако се врати, ќе оди директно во притвор.

    Проблем за Груевски кој е во бегство е ако биде осуден во отсуство. И обвиненијата не може да застарат толку лесно ако обвинетиот добие пресуда во отсуство.

    По петочното сведочење на второобвинетиот Миле Јанакиески, кое заврши доцна вечерта тамам што почна обвинителот Бурим Рустеми да му поставува прашања, денеска судењето продолжува во 9 часот. Јанакиески на прашања од неговиот адвокат, тврдеше дека „Космос“ бил дивоградба, но призна дека уривањето било незаконско. Негираше негова лична вмешаност во тоа.

    Третообвинетиот е поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, кому му успеа да го блокира ден и пол ова судење со забрзано темпо, со финта со смена на адвокат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира