ХАОСОТ НА ТАБАНОВЦЕ ЗА ВЛЕЗ Е БИДЕЈЌИ НЕ ФУНКЦИОНИРА ЗАЕДНИЧКИОТ ГРАНИЧЕН ПРЕМИН СО СРБИЈА

    ХАОСОТ НА ТАБАНОВЦЕ ЗА ВЛЕЗ Е БИДЕЈЌИ НЕ ФУНКЦИОНИРА ЗАЕДНИЧКИОТ ГРАНИЧЕН ПРЕМИН СО СРБИЈАЗа влез во Македонија патниците застануваат како и порано на два гранични премина -Заев и Вучиќ на промовијата на „One stop shop“ во септември 2018.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Заедничкиот граничен премин на Македонија и Србија на Табановце „One stop shop“ не функционира. Наместо како што баше најавено во август 2019 границата да се минува со едно застанување, тоа сега функционира само за излез од земјава. За влез во Македонија патниците застануваат и им се вршат проверки и на граничниот премин Прешево, и на македонска страна на Табановце.

    Поради тоа изминатиов викенд кога голем број граѓани заминаа на вакцинација во Србија на Табановце се создаваа колони возила. За излез од земјава немаше поголеми гужви па дури и министерот за внатрешни работи Оливер Споасовски на својот фејсбук профил се пофали дека сообраќајот се одвивал непрeчено и по барање на Стопанската комора биле пуштени повеќе ленти. Но, вечерта за влез во земјава патниците чекаа по повеќе од еден час. Најпрво се чекаше на српската страна, а потоа контроли се правеа и на македонска стана. Поради тоа во меѓуграничниот простор имаше гужви и метеж.

    Од Министерството за внатрешни работи пак велат дека проектот сè уште функционира, но поради коронавирусот направени се одредени измени.

    „Од 16 март 2020 поради новата реалност со коронавирусот и воведената вонредна состојба во Република Србија, полициските службеници од СГП Прешево излезна гранична контрола проверки вршат на граничниот премин Прешево, а не на Табановце“, велат од МВР.

    Заедничкиот граничен премин пред две години го отворија премиерите на Македонија и Србија Зоран Заев и Ана Брнабиќ. Тогаш беше кажано дека во иднина, возилата кои излегуваат од Македонија ќе поминат полициска и царинска контрола на граничниот премин Прешево, каде ќе има и македонски службеници, додека возилата и патниците што доаѓаат од Србија ќе се контролираат на граничниот премин Табановце.

    „Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стока и на превозни средства, времето на минување на границата ќе се намали за повеќе од половина, што ќе придонесе и за зголемување на бројот на туристи помеѓу двете држави, како и на бројот на транзитните туристи. Контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби, а предвидено е меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, фитосанитарните и ветеринарните. „One stop shop“ ќе ја намали можноста за царински измами, а ќе го зголеми нивото на доверба, соработка и размена на информации за зголемување на трговијата“, изјави тогаш премиерот Заев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира