Лидерот на СДСМ Венко Филипче повторно го повика премиерот Христијан Мицкоски да ја прифати Резолуцијата за национален консензус за црвени линии и временска рамка за продолжување на преговорите со ЕУ што неговата партија ја предложи на 25 септември.
Од предизборен митинг во Македонски Брод Филипче му се обрати на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги надмине личните и партиските интереси за да може сите 120 пратеници да изгласаат Резолуција во Собранието со кои од ЕУ ќе се побараат гаранции за јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара и се инсистира македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без никакви додавки или фусноти.
„Христијан, тргни ја суетата, еднаш во животот, за една тема. Погледни убаво што ти предлагаме. И самиот знаеш дека тоа е тоа што ни треба на сите нас. Тргни ја суетата и издигни се над партиските интереси и дај да ја турнеме оваа држава напред. Ова го должиме и ова граѓанитее го бараат и го очекуваат од нас“, рече Филипче.
Тој вели дека Резолуцијата што ја предложи СДСМ, е најпатриотскиот документ, затоа што ќе биде прво национално обединување.
„Еве, ако сакаш смени нешто внатре, нека не се вика резолуција на Филипче или на СДСМ. Немој да мислиш дека Филипче сака да ти ја земе македонштината. Нека биде ваша, само дај конечно да ја завршиме таа работа оти ќе останеме последна држава на Балканот без интеграција, на периферија на Европа, нема да остане еден човек во оваа држава“, рече лидерот на СДСМ на митинг пред локалните избори во Македонски Брод.
СДСМ ја предложи Резолуцијата на 25 септември, а Мицкоски веднаш потоа рече дека по локалните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе подготви „вистинска, македонска Резолуција“ оти „народот не е наивен и добро ги памети сите нивни изјави, предавства и лаги“.