Специјалната обвинителка Катица Јанева, како што најави вчера, денеска не се појави пред собраниската Комисија за политички систем, пред која од средата одговараше на прашањата на пратениците за шестмесечниот извештај за нејзината работа.
Но, и покрај тоа што втора точка на дневен ред е Извештајот на јавното обвинителство на РМ на обвинителот Марко Зврлевски, сепак, Комисијата во отуство на Јанева, не ја продолжи работата со отворање раправа по извештајот на Зврлевски. Од деловнички причини, како што беше кажано, Комисијата се одложи за утре во 11 часот.
За утре во 11 часот, пак, закажана е седница на Советот на јавни обвинители на РМ, каде треба Јанева да се појави и да го образложи извештајот и таму.
Пратениците од опозицијата сметаат дека со одлагањето на денешната седница, место да продолжи работата со извештајот на Зврлевски, целта е никогаш на пленарна седница да не се разгледува неговиот извештај.