Гордана Јанкулоска денеска дојде на распит во СЈО. Пред неа, денеска околу 11 часот, на распит во СЈО дојде и второосомничениот во „Тврдина“, Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Од СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК не сакаа да потврдат дали и таа е викната како осомничена во случајот „Тврдина“ или пак станува збор за предистражна постапка во друг предмет.
Јанкулоска е и една од 56-те помилувани на листата за колективна аболиција на претседателот Ѓорѓе Иванов што сега е повлечена.Таа имаше 13 помилувања, а од неа повеќе имаше само ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, 16. Покрај „Тврдина“, Јанкулоска е осомничена и во случајот „Титаник“ на СЈО, за изборни манипулации на изборите во 2012, 2013 и 2014.
Јанкулоска е третоосомничена во „Тврдина“, третата истрага на СЈО, што ја објави на 30 март, со петмина осомничени кои се товарат дека лани ја искористиле својата службена положба за да ја уништат опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра. Првоосомничен е Горан Грујовски, кој беше началник на Петтата управа на МВР, а кого министерот Митко Чавков го разреши на 20 јули, второосомничен е Тони Јакимовски шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој иако под истрага, со потпис на Чавков конкурирал и на 30 јуни е избран за директор на меѓународно тело за борба со криминалот со седиште во Букурешт, четвртоосомничен е вработен во МВР кој обезбедил логистичка поддршка за спроведување на униништувањето на опремата, а петтосомничената е технички документарист во МВР.
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на 27 јули ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство и ја потврди одлуката на судијката Александра Поп-Стефанија, која по укинувањето на аболицијата го наследи предметот „Тврдина“, да не ѝ одреди мерки на претпазливост на Јанкулоска како една од осомничените во овој случај. СЈО бараше од судот на Јанкулоска да ѝ биде одземен пасошот, да ѝ се определи забрана за напуштање на живеалиштето и обврска повремено да се јавува пред надлежен орган. Во случајот „Тврдина“, судот единствено одреди мерка одземање на пасошот на првоосомничениот Горан Грујовски, за кого, пак, беше побаран притвор.
Специјалното обвинителство бараше изземање на судијката Поп-Стефанија токму во случајот со Јанкулоска, бидејќи таа се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија. Кривичниот суд го одби барањето за изземање, а ниту Апелацискиот суд потоа не ја прифати жалбата на СЈО во врска со одлуката на првостепениот суд.
Кога на 30 март СЈО го објави случајот „Тврдина“, Јанкулоска на нејзиниот фејсбук профил напиша: „Во обид повторно да одработи за Заев, СЈО се надмина себе си. Отвориле истрага за расходувани неупотребливи предмети и наводна штета од цел еден денар!“.
Сослушувањето на осомничните во „Тврдина“ почна на 6 април, но по околу четири часа тоа беше прекинато бидејќи судијата не се чувствуваше добро, а интервенираше и екипа на итна помош. Јанкулоска по излегувањето од судот изјави дека не се чуствува виновна, а за истрагите на Специјалното обвинителство искоментира дека се дел од политичката агенда на СЈО и дека очекува во наредниот период да има уште истраги.
„Не се чувствувам виновна ниту по наводите од овој ниту, пак, за претходниот случај на СЈО. Додека бев министер, должноста ја извршував чесно, професионално и во интерес на Република Македонија“, рече Јанкулоска.
На 23 јуни, Јанкулоска пак се појави на распит пред судија на претходна постапка.
„СЈО нема никакви докази против мене бидејќи апсолутно не постои никакво кривично дело“, изјави Јанкулоска по излегувањето од Кривичниот суд. Таа потврди дека распитот се однесувал на мерките на претпазливост, побарани од СЈО.
„Од тоа што јас го слушнав, нема никакви аргументи за мерки на претпазливост. Јас секогаш доаѓам и пак ќе дојдам секогаш кога ќе бидат повикана“, рече Јанкулоска и додаде дека СЈО е „продолжена рака на опозицијата“, притоа негирајќи дека сторила какво и да е кривично дело со уништувањето на опремата за прислушување. Таа потврди дека нејзин потпис стои на поединечен акт, со кое се дава „овластување на професионалци да постапуваат во согласност со законот“.
На 25 април, Јанкулоска беше свечено промовирана за доктор на науки на Факултетот за безбедност на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“. На свеченоста во ректоратот, група млади битолчани со герила-акција ѝ го честитаа докторатот со транспарент „Честито аболиција“.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во понеделникот соопшти дека во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во нејзиното Јавно Обвинителство, но таа нема да открива детали за предистражните постапки.
„Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“, соопшти Јанева.