И МЕНЕ НЕ МИ СЕ ДОПАЃАШЕ ВИЛМА РУСКОСКА ВО ЕДНО ВРЕМЕ, КАЖА ЗАЕВ

    И МЕНЕ НЕ МИ СЕ ДОПАЃАШЕ ВИЛМА РУСКОСКА ВО ЕДНО ВРЕМЕ, КАЖА ЗАЕВПремиерот кажа дека припојувањето на СЈО кон постојното Обвинителство за организиран криминал и корупција било барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кое тие како власт го прифатиле. - Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека и нему во минатото не му се допаѓала обвинителката Вилма Рускоска, одговарајќи на новинарско прашање зошто ја предложил Рускоска за шефица на новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција. Заев рече дека тој не ја предложил за шефица, туку само кажал кој во моментов е на чело на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кон кое ќе се припои Специјалното јавно обвинителство со предложениот Закон за Јавно обвинителство.

    „Јас само кажав во моментов кој го води тоа обвинителство и има мандат. Не ја предложив јас Вилма Рускоска за шеф. Не ми се допаѓаше и мене Вилма Рускоска во едно време, пред едно 5-7-9 години, но кој ме прашува мене. Обвинителите ги бира Советот на обвинители, нека си конкурираат таму“, кажа Заев на денешната прес-конференција за акцискиот план на Владата за борба против дезинформациите.

    Премиерот кажа дека припојувањето на СЈО кон постојното Обвинителство за организиран криминал и корупција било барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кое тие како власт го прифатиле.

    „Уште еднаш напоменувам, решението што ВМРО-ДПМНЕ го бараше е да се откажеме од опстојувањето на самостојноста на СЈО, да не биде посебно одделение и тоа да биде припоено кон постојното Обвинителство за организиран криминал и корупција и ние тоа го прифативме“, рече Заев за владиниот предлог за нов Закон за Јавно обвинителство.

    На прашањето дали ќе се сретне со новинарот Бранко Героски, кој јавно бара средба со него и имплицира дека и тој знаел за случувањата во случајот „Рекет“, Заев рече дека тој не е обвинител и го упати сите информации да ги пријави во обвинителството. Героски објави серија текстови во врска со рекетирање од медиумски газда и високи политичари кои беа именувани со измислени имиња, пред да биде отворен случајот „Рекет“.

    „Јас не сум обвинител. Новинарот Бранко Геровски сите информации што ги има нека ги пријави. Ја видов поканата за кафе и јас со секој пијам кафе, но не сум обвинител и може да се обидува кој како сака, но презумпцијата на невиност мора да се почитува”, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира