И НАТАМУ НАД 100 ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ НЕДЕЛНО, ФИЛИПЧЕ ОЧЕКУВА ЕПИДЕМИЈАТА ДА СПЛАСНЕ ПО КРАЈОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

    И НАТАМУ НАД 100 ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ НЕДЕЛНО, ФИЛИПЧЕ ОЧЕКУВА ЕПИДЕМИЈАТА ДА СПЛАСНЕ ПО КРАЈОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНАБројот на заболени од морбили сѐ уште е висок, скоро половината од досега заболените се хоспитализирани (Фото: СДК.МК)

    Намалување на бројот на заболени од мали сипаници министерот за здравство Венко Филипче очекува по завршување на учебната година на 10 јуни.

    „Бројот на заболени од морбили сè уште е висок, како и што се предвидуваше. Сметам дека до крајот на учебната година ќе се намалува интензитетот на заболени, иако до крајот на годината ќе се јавуваат вакви случаи. Затоа е важно да се почитуваат препораките и мерките за сузбивање на епидемијата“, рече Филипче.

    Д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје, кажа дека и минатата недела се задржал трендот на заболени од морбили, односно минатата недела регистрирани се 134 новозаболени.

    „Останува трендот неделно да има над 100 заболени. Оваа последна недела од Скопје се заболени 48 лица, а 86 од другите градови. Од почетокот на епидемијата досега се заболени над 1.500 лица“, рече Кузмановска.

    Таа кажа дека меѓу новозаболените доминираат возрасни, а од сите досега заболени две третини се невакцинирани.

    „Остануваат на сила мерките за сузбивање на епидемијата, сите невакцинирани да се вакцинираат“, рече Кузмановска.

    Од почетокот на епидемијата, досега се вакцинирани над 25.000 деца, а невакцинирани до 14-годишна возраст се околу 17.000, од кои околу 2.000 се од Скопје, а останатите од другите градови.

    Владата на последната седница одлучи при запишување на првачињата за наредната учебна година задолжително да се бара потврда за вакцинација, со тоа што оние што ги немаат потврдите ќе им бидат примени само документите, а до почетокот на учебната година да донесат потврда.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари