Претресот на главниот систем за следење на комуникациите и на помошниот систем во Управата за безбедност и контраразузнавање за кој директорите на УБК и БЈБ Владимир Атанасовски и Митко Чавков два дена се бореа да не и го дозволат на Специјалната обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим, ја крие злоупотребата на тие системи за масовно прислушување, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК долгогодишни вработени во тајната полиција кои сакаат да останат анонимни, бидејќи не се овластени да даваат изјави.
Тие потсетуваат дека не случајно и германскиот правен експерт Рајнхард Прибе, кому Европската комисија му даде задача да изготви извештај откако изби аферата со прислушуваните разговори, уште првите денови од неговата мисија пролетта 2015 година инсистирал да се запознае со процедурите за посебните истражни мерки.
Со проста споредба на бројот на издадени судски наредби за посебни истражни мерки, и бројот на фактички прислушуваните граѓани, може да се утврди дали бројот на издадени наредби за посебни истражни мерки од судските органи, одговара на бројот на прислушувани и следени граѓани, објаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК вработени во Управата. Истото беше забележано во извештајот на Прибе минатата година во делот за парламентарниот надзор на Управата за безбедност и контраразузнавање.
„Очигледно е дека комисијата ги нема потребните технички познавања за прибирање на податоци од апаратите на УБК или од телекомуникациските оператори со цел да ги спореди бројот на прислушувања со бројот на издадени наредби од страна на судот, заради воочување на злоупотреба“, стои во извештајот на Прибе.
Во извештајот на Прибе беше нотирано и дека собраниската Комисија за надзор на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање „е спречена да врши инспекции во УБК, имајќи предвид дека од вкупно 5 члена, секогаш постои еден или двајца членови кои немаат безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации како што се податоците за прислушување, што е очигледен конфликт на интереси, со оглед што сертификатот го издава самата УБК“.
Таму би можел да се најде крунскиот доказ за евентуален голем криминал со масовно кршење на човековите права и слободи, па затоа СЈО од завчераноќ ја одзема документацијата од Управата и врши претрес на компјутерскиот систем за следење на комуникациите. СЈО, како што кажа Јанева, има судска наредба за преземање од УБК на документацијата за решенијата за ПИ мерки во периодот од 2007 до 2015 година и сите разговори што биле снимани од УБК во тој период.
Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова кажа дека прва станица на експертскиот тим на Прибе бил Врховниот суд и дека дошле да се интересираат за посебните истражни мерки.
Дека зад сомнежите за илјадници прислушувани разговори стојат едвај по десетина судски налози за посебни истражни мерки годишно, најави и претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова уште пред да се формира СЈО. Германскиот експерт Рајнхард Прибе пред да отиде во другите институции и да се сретне со кој било друг од политичките фактори во државата, минатиот мај во Врховниот суд разговараше со судии и обвинители кои работат со посебни истражни мерки и со мерката следење на комуникациите, што може евентуално да ја издаде судија на Врховен суд.
„Кажавме колку налози се издадени, каков вид на мерки, и навистина бројот на издадените налози за посебни истражни мерки не е толку голем колку што се смета дека се навистина издадени. Меѓутоа тука мислам дека разјаснивме дека има голема разлика меѓу посебни истражни мерки и мерката следење на комуникациите што може евентуално да ја издаде судија на Врховен суд“, изјави Неделкова во интервју за дневниот весник „Вест“ од септември 2015 година.
На едно од прашањата во интервјуто, зошто прва станица на експертскиот тим од Европската комисија, предводен од Прибе, беше Врховниот суд и за што се интересираат тие, Неделкова кажа дека дошле да се интересираат за посебните истражни мерки.
„Посетата на тимот експерти именувани од ЕК во Брисел беше остварена на барање на Делегацијата на ЕУ во Македонија. Таа посета се оствари на петти мај годинава во Врховниот суд. Тимот експерти, предводен од господинот Рајнхард Прибе бараше средба со мене, како претседател на Врховниот суд и побара да оформам тим на судии и јавни обвинители кои имаат знаење и работат со издавањето налози за посебни истражни мерки. Мисијата на овој експертски тим беше да се разгледа функционирањето на системот во четири области: разузнавачката служба, некои аспекти од функционирањето на судството и обвинителството, регулирање на изборниот процес и слободата на медиумите. Се разбира, не зборувавме по сите точки, бидејќи им беше укажано дека по однос на функционирањето на разузнавачката служба, Врховниот суд нема ингеренции и надлежности, освен она што го знаеме од законите како функционира службата и дека евентуално, Врховниот суд би имал некаква врска со разузнавачката служба, ако се работи за барање за издавање наредба за следење на комуникации, што не е ПИ мерка, туку следење на комуникации, кога се загрозени националните интереси и безбедноста на државата“.
Понатаму во интервјуто таа вели:.
„Дел од разговорот беше и каква е законската процедура за издавање на наредбите, каков е квалитетот на барањето за издавање на наредбата кое го поднесува јавниот обвинител и кој е тој квалитет на докази понудени во барањето, што ќе му дадат право на судијата да одлучи да ја издаде наредбата за ПИ мерка. Затоа ги повикав и јавните обвинители од сите нивоа да ја објаснат пред Прибе оваа постапка“.
Во СЈО имаат направено распоред за дежурства на обвинители и истражители, кои ќе останат во просториите на УБК се до спроведувањето на судската наредба за преземање на документацијата поврзана со прислушувањето. (Фото: СДК.МК)
Во експертскиот извештај на Прибе беше забележано дека „УБК може директно да ги следи комуникациите, независно и слободно, без оглед на тоа дали е издадена или не е издадена судска одлука (за ПИ мерки, н.з.)“ , како и „непочитување на професионалната етика, основните принципи на ризично управување и недостаток на познавање на чувствителноста на разузнавачите задачи во рамките на УБК. Предмет на загриженост е и очигледниот недостаток на обучена служба за основните права и правилата за заштита на податоците. Фамилијарната поврзаност помеѓу високо позиционирани политичари и носители на високи фунцкии во УБК, како и во Јавното обвинителство создаваат ризична средина за конфликт на интереси“.
Експертската комисија на Прибе беше формирана од Европската комисија по објавувањето на скандалот со прислушување од страна на опозицијата во февруари минатата година со цел брзо да изработи анализа на ситуацијата и да даде препораки. Експертите беа во Македонија во април и мај, а извештајот беше објавен на 8 јуни минатата година.