И ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ДА ПОНЕСЕ ОДГОВОРНОСТ, НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ПРАВЕЊЕ ПРОФИТ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ

    И ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ДА ПОНЕСЕ ОДГОВОРНОСТ, НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ПРАВЕЊЕ ПРОФИТ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИСпасовски рече доколку се донесе нова мерка и после 24 март, секако дека ќе се преземат економски мерки. (Фото: К.Попов)

    Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните и тоа значи дека профитот не е најважен, кажа техничкиот премиер Оливер Спасовски за воведување на мерките на Владата со кои градинките и училиштата не работат, еден родител треба да биде ослободен од работа, а рестораните и кафулињата треба да бидат затворени после 18 часот, по средбата со лидерите на политичките партии.

    „Донесовме препораки и мерки кои се однесуваат на јавниот и приватниот сектор. Одговорноста треба да биде на сите нас. Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните, тоа значи и профитит не е поважен. Тој што мисли дека ќе профитира во вакви услови, нема успех. Мерките важат до 24 март и има начин и можност како да се изменаџира состојбата. Сега не влегуваме со ниту една економска мерка која што може ова да го помогне, оти нема потреба од тоа. Но, доколку се донесе нова мерка за продолжување на забраната за работа на училиштата и градинките секако дека ќе се преземат и такви мерки“, рече Спасовски.

    Тој најави дека економскиот тим на Владата ќе има средба со стопанските комори и во согласност со ситуацијата ќе се носат мерки.  На прашањето дали разговарал со Талат Џафери за евентуално свикување на Собранието во кризна состојба за евентуално носење ребаланс на буџетот, Спасовски одговори дека „во моментов нема таква потреба бидејќи буџетот е ликвиден“.

    Техничкиот премиер кажа дека Владата прави сѐ што може системот да функционира на најдобар можен начин.

    „Граѓаните во овој момент се задоволни. Доколку има и мала причина да реагирам кон некој министер, тоа го правам без пардон“, одговори Спасовски на обвинувањата на лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села дека министерот за здравство Венко Филипче не го менаџира како што треба здравствениот систем.

    „Напротив, треба да се даде поттик и признание за тоа што го прави не само министерот за здравство, туку и Кризниот штаб, Комисијата за заразни болести, сите здравствени работници, полициски службеници, припадниците на Армијата и новинарите кои ја информираат јавноста“, кажа Спасовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира