И СЕАД КОЧАН ЛЕГНАЛ БОЛЕН, БАРА ДА НЕ ОДИ ВО ЗАТВОР НА 17 ЈУЛИ

    И СЕАД КОЧАН ЛЕГНАЛ БОЛЕН, БАРА ДА НЕ ОДИ ВО ЗАТВОР НА 17 ЈУЛИОсновниот суд Скопје 1 ни потврди дека Кочан и официјално го известил судијата за извршување санкции дека е хоспитализиран, притоа барајќи одлагање на извршувањето на казната. - Сеад Кочан пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Осудениот бизнисмен Сеад Кочан, кој на 17 јули треба да се појави на капија во затворот Идризово да почне да ја отслужува затворската казна од 4 години и осум месеци, е примен на лекување во една приватна болница во Скопје, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Основниот суд Скопје 1 ни потврди дека тој и официјално го известил судијата за извршување санкции дека е хоспитализиран, притоа барајќи одлагање на извршувањето на казната.

    Деновиве Кочан поднел барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата од 4 години и 8 месеци, за случајот „Труст“, зашто конкурирал со лажна документација и неисполнети услови. Врз база на таа документација, тој добил 17 милиони евра државни пари. Во бомбите што беа пуштени, избеганото осудено лице Никола Груевски како тогашен премиер, запознаен и со овој тендер, го споменува Сеад Кочан како „сеат ибица“.

    Во мај 2017, по два и пол месеца бегство од притвор, Кочан беше примен како итен случај во Клиничкиот центар, веднаш откако Врховниот суд донесе одлука да му се укине притворот, поништувајќи ги одлуките на Основниот и на Апелациониот суд.

    Последниве два месеца има зачестени разболувања кај обвинети лица од СЈО, како и кај осудени, но и меѓу поротници, што придонесе за одолговлекување на постапките кои се однесуваат на предметите на СЈО.

    Вчера се одложи судењето за Сончев град, зашто не беа спроведени од Шутка кај што се во притвор за друго дело обвинетите Миле Јанакиески и Димитар Димовски, кој фатил пролив.

    Претходно, се пожали Јанакиески дека има здравствени проблеми. Беше однесен во болница и по прегледот беше вратен под лекарски надзор назад во затворот во Шутка.

    И судењето за „Талир“ за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со перење пари, никако не почнува. Се редат здравствени причини на обвинет, на поротник итн. Завчера, се одложи по деветти пат, а уште не е ни почнато ова судење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира