И ВО РЕСЕН ОТВОРЕН МОБИЛЕН МЕДИЦИНСКО-СОЦИЈАЛЕН СЕРВИС ЗА ГРИЖА ВО ДОМАШНИ УСЛОВИ

    И ВО РЕСЕН ОТВОРЕН МОБИЛЕН МЕДИЦИНСКО-СОЦИЈАЛЕН СЕРВИС ЗА ГРИЖА ВО ДОМАШНИ УСЛОВИМобилните медицинско-социјални сервиси преку пилот проект веќе се спроведуваат во Кочани и Ресен, а потоа продолжуваат и во Битола; - Од промоцијата на Европскиот центар за социјална политика и истражување во Скопје (Фото: Министерство за здравство)

    Мобилен сервис за грижа во домашни услови неодамна е отворен во Општина Ресен, откако лани бише отворен во Кочани во рамки на пилот проектот што Министерствата за здравство и за труд и социјална политика го спроведуваат со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

    Мобилниот сервис се состои од два тима составени од по 2 медицински сестри и еден социјален работник, кои во текот на денот посетуваат одреден број домаќинства во Кочани и Ресен и во руралните средини околу овие градови. Здравствени и социјални услуги добиваат лица, кои живеат со социјален ризик, приматели на социјална парична и постојана парична помош, лица од рурални средини, постари лица, и лица со хронични болести и коморбидитети.

    Задача на социјалниот работник кој оди со медицинскиот тим е да препознае евентуални социјални ризици во семејствата и натаму да ги поврзе со системот на социјална заштита. Со мобилниот тим во Кочани досега се опфатени 678 лица од 22 села во реонот на градот.

    „Станува збор за мобилни сервиси, кои ги сочинуваат медицински сестри и социјални работници, каде услугите ги носат до домовите или блиску до домовите во руралните средини каде што амбулантите се празни, бидејќи нема кадар. Верувам дека на овој начин преку мобилните срвиси многу поефикасно и многу полесно граѓаните ќе имаат пристап до здравствена услуга“, рече министерот Венко Филипче на настанот за развивање интегрирани услуги за здравствена и долгорочна нега, во организација на Европскиот центар за социјална политика и истражување, на кој присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, и австрискиот аташе за труд, социјална политика, здравство и заштита на потрошувачите во  Македонија Харалд Фугер.

    Министерката Царовска рече дека во најголем број случаи здравствените и социјалните ризици се испреплетуваат. Затоа, здравствено социјалните сервиси се добар начин преку услуга во домот да се откријат здравствените и социјалните ризици.

    „Ваков сервис веќе постои во Кочани, а исти се отвораат и во Битола и Ресен, а интенцијата е истиот систем да профункционира и на национално ниво, за што се дава и законска можност со пакетот закони за социјална заштита кои очекувам пратениците наскоро да ги изгласаат со национален консензус“, рече Царовска.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира