И ЗА МАЛ ПРЕСТАП СИСТЕМОТ ФУНКЦИОНИРА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ОТКАКО ЧЛЕН НА НЕГОВОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ДОБИ ПРИТВОР ОТИ ЈА ПРЕТЕПАЛ СОПРУГАТА

    И ЗА МАЛ ПРЕСТАП СИСТЕМОТ ФУНКЦИОНИРА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ОТКАКО ЧЛЕН НА НЕГОВОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ДОБИ ПРИТВОР ОТИ ЈА ПРЕТЕПАЛ СОПРУГАТА„Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам јас така често“, рече Мицкоски. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека законот важи подеднакво за сите и тука нема никаква дилема, откако медиумите вчера објавија дека член на неговото обезбедување, Р. Р. добил осум дена притвор за семејно насилство затоа што ја претепал неговата сопруга.

    „Тоа е доказ дека законот функционира“, одговори Мицкоски на новинарско прашање на поставувањето камен-темелник за доградба на Основното училиште „Гоце Делчев“ во скопската Општина Аеродром.

    „Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. ​Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку, за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам така често. А, за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, одговори Мицкоски.

    Од МВР соопштија дека Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава по итна постапка против Р.Р. (39), вработен како полициски службеник во ОЗОЛО- ЕОПРСМ при Министерството за внатрешни работи, поради основано сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда” по член 130 став 2 од КЗ, односно затоа што на 02.05.2026 физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга.

    Р.Р. е лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор во траење од осум дена. Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира