ИАКО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ НЕ ПОБАРАЛЕ, ГРАДИНКИТЕ ВО СКОПСКИ ЦЕНТАР И КАРПОШ ПОКРАЈ ВАКЦИНАЛЕН КАРТОН БАРААТ И ДОПОЛНИТЕЛНА ПОТВРДА ЗА ЗДРАВО ДЕТЕ

    ИАКО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ НЕ ПОБАРАЛЕ, ГРАДИНКИТЕ ВО СКОПСКИ ЦЕНТАР И КАРПОШ ПОКРАЈ ВАКЦИНАЛЕН КАРТОН БАРААТ И ДОПОЛНИТЕЛНА ПОТВРДА ЗА ЗДРАВО ДЕТЕЗасега вакви потврди од матичните педијатри се бараат во градинките во општините Центар и Карпош, но не и во Аеродром, Кисела Вода, Ченто, Илиден, Гази Баба. (Фото: К. Попов)

    Дел од градинките во Скопје деновиве ги известуваат родителите дека освен вакциналните картони издадени од вакциналните пуктови, во рок од неколку денови треба да донесат и потврди од матичните лекари дека детето е здраво, но здравствените институции велат дека тие не го побарале тоа ниту наложиле.

    Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести. Од тогаш се бараат вакцинални потврди, но сѐ уште нема забрана за прием на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца.

    Според информации на нашата редакција, засега вакви потврди од матичните педијатри се бараат во градинките во општините Центар и Карпош, но не и во Аеродром, Кисела Вода, Ченто, Илиден, Гази Баба.

    Станува збор за истата потврда која ја пополнува матичниот лекар кога се запишува детето во градинка и во која се наведува дали е детето уредно вакцинирано, дали има потешкотии во развој, дали има алергиска реакција, хронични заболувања или дијабетес.

    Станува збор за истата потврда која ја пополнува матичниот лекар кога се запишува детето во градинка. (Фото: СДК.МК)

    „Согласно препораката на Комисијата за заразни болести за прогласување на епидемија на територија на Град Скопје и мерките предложени за сузбивање на ова заболување (забрана за прием на невакцинирани и некомплетно невакцинирани деца во градинките), ве замолуваме да ги ажурирате податоците за здравствената состојба на децата (документ кој го пополнува матичниот лекар-архивски заверен), сѐ во интерес на здравјето на сите деца и со цел да избегнеме непријатни ситуцаии“, стои во известувањето кое го добиваат родителите.

    Родителите кои се јавија во нашата редакција коментираат дека иако добија неколку дена за да ги набават потврдите од матичните лекари, сепак е проблем бидејќи треба да се излегува од работа или да се носи здраво дете во амбуланти поради документ кој градинките веќе го имаат.

    „Ваков документ доставивме при упис на детето. Зошто не им се доволни вакциналните потврди издадени од вакцинални потврди и сега треба да се пикаме по амбуланти и ходници за документ кој не е врзан со епидемијата на голема кашлица“, велат повеќе родители.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести, во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и во Министерството за труд и социјална политика и од сите институции ни кажаа дека од нивна страна не е побарана таква дополнителна документација.

    „Веројатно се работи на ажурирање на податоци, овие податоци се бараат независно од состојбата на заразни заболувања“, велат соговорниците од здравствените установи.

    Помина речиси еден месец како Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија на голема кашлица во градот, а министерот за здравство Илир Демири вчера кажа дека ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис). Во соопштението од Министерството за здравство стои дека министерот ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди во градините за примена вакцина против голема кашлица, но не кажува кога ќе го стори тоа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира