ИДНИТЕ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ ЌЕ ИМААТ ПРИСТАП ДО БАНКАРСКИТЕ ТАЈНИ, АМА ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВА И НИВНИОТ ИМОТ

    ИДНИТЕ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ ЌЕ ИМААТ ПРИСТАП ДО БАНКАРСКИТЕ ТАЈНИ, АМА ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВА И НИВНИОТ ИМОТУсловите за да се биде избран за член на Комисијата се многу строги, наназад 10 години кандидтите не е дозволено да биле членови на партија, пратеници, министри или какви било политички функционери. Ќе ги бира Собранието, а директен пренос од интервјуата ќе врши Собранискиот канал на МРТВ, најави министерката за правда Рената Дескоска (Фото: Министерство за правда)

    Сосема нов Закон за антикорупција претстави денеска министерката за правда Рената Дескоска, според кој и нотарите и извршителите ќе поднесуваат анкетен лист за имотната состојба, при сомневања за корупција антикорупционерите ќе може да симнуваат и банкарски тајни, од носителите на функции ќе бараат изјави за откажување од банкарска тајна.

    Според новиот предлог-закон, идната Антикорупциска комисија ќе брои вкупно пет члена. Условите да се биде избран за член на Комисијата се многу строги, наназад 10 години кандидатите не е дозволено да биле членови на партија, пратеници, министри или какви било политички функционери. Ќе ги бира Собранието, но претходно интервјуто на кандидатите ќе го врши собраниската Комисија за избор и именувања, заедно со невладини организации кои ќе имаат право да им поставуваат прашања, а сето то ќе оди на телевизија во живо. Се предлага директен пренос од интервјуата да врши Собранискиот канал на МРТВ.

    Се предлага и годишна контрола на имотната состојба на антикорупционерите, која ќе ја врши претседателот на комисијата, а извештајот ќе го дава во Комисијата за избор и именувања. А член на оваа собраниска комисија, пак, ќе може да побара од Управата за јавни приходи испитување на имотната состојба на член на Антикорупциската комисија.

    Поради острите забелешки за политичката зависност и немоќ на Антикорупциската комисија во Извештајот за напредокот на Македонија од 2016 наваму, се шират овластувањата на идните антикорупционери. Тие сега ќе имаат контрола на секој денар во финансирањето на политичките партии. Со закон сега ќе мора Обвинителството за отвора предистраги и истраги за случаите што ќе ги открива Атикорупцискта комисија сама или со помош на резултатите од контролите на Државниот завод за ревизија. Се прецизираат и обврските на останатите државни органи на кои ќе им се обраќа Комисијата, која досега постоеше на хартија и никој не се вознемируваше од нејзините извештаи, евентуални укажувања и препораки.

    Собранието уште нема избрано нова Антикорупциска комисија, откако стариот состав на чело со претседателот Игор Тантуровски си даде оставка, по серијата текстови што ги објави САКАМДАКАЖАМ.МК за неправилности во работата односно ненаменско трошење на буџетски средства.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира