ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ВЛАДАТА ПРОТИВ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

    ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ВЛАДАТА ПРОТИВ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГНа протестот беше кажано дека предлогот е неприфатлив оти се негира македонскиот јазик. (Фото: К. Попов)

    Неколку илјади граѓани вечерва под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ протестира пред Владата против францускиот предлог за францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ. Протестот закажан од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица беше поддржан и од голем број граѓани за кои, како што рекоа, овој предлог е неприфатлив бидејќи се задира во македонските национални интереси и се негира македонскиот јазик.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека не ни треба Европа ако треба да се асимилираме. (Фото: К. Попов)

    На протесторот говореа спортскиот новинар од Македонската радио телевизија Тони Стојановски, спикерката од нациналниот сервис Гордана Ѓорчева, новинарот Коле Чашуле, професорката Елка Јачева-Улчар, историчарката Наташа Котлар, композиторката Дарија Андовска, а на почетокот Игор Дурловски и Андријана Јаневска ја испеаја песната “Заветна” од Пепи Бафтировски. Сите во говорите кажаа дека се против овој предлог бидејќи се негира постоењето на македонскиот јазик и дека во ниту еден документ не смее да стои дека тој е бугарски дијалект.

    И градоначалничката на Скопје Данела Арсовска кажа дека е против францускиот предлог.  (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не говореше на протестот, Тој во изјава за медиумите на почетокот на протестот кажа дека „денеска Македонија се буди и сите оние кои што сакаат со потпис за ден-два од денеска да стават крај на Македонија, ќе бидат казнети од македонскиот народ и македонските граѓани“.

    Поранешниот претседател Ѓорге Иванов и амбасадорот Ивица Боцевски.  (Фото: К. Попов)

    Нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме. Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец кој што говори на македонски јазик и кој што се бори за својата Македонија и за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство“, рече Мицкоски.

    Претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска кажаа дека се лаги и невистини изјавите дека со францускиот предлог се негира македонскиот јазик. Според нив, со овој предлог  македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа, ќе биде официјален јазик на Европската Унија и нема никакви фусноти и дополнувања во преговарачката рамка.

    Владата вчера го објави предлогот на Француското претседателство со ЕУ за Преговарачката рамка за Македонија, заклучоците на Советот на ЕУ и заедничката позиција на ЕУ за првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.

    Претседателот Стево Пендаровски за утре напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува францускиот предлог. На седницата ќе присуствува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира