ИМ ТРЕБАТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, ГИ ПОВИКА ЗАЕВ ЛЕКАРИТЕ ДА НЕ ОДАТ ВО СТРАНСТВО НА ОТВОРАЊЕТО НА УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР ВО КУМАНОВО

    ИМ ТРЕБАТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, ГИ ПОВИКА ЗАЕВ ЛЕКАРИТЕ ДА НЕ ОДАТ ВО СТРАНСТВО НА ОТВОРАЊЕТО НА УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР ВО КУМАНОВОНовиот ургентен центар е со површина од 750 метри квадратни, а проектот чини 53 милиони денари. - Од пуштањето во употреба на ургентниот центар во Општата болница во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Упатувам порака до здравствените работници, пред сѐ лекарите, медицинските сестри, болничарите и другите здравствени работници, останете во нашата земја, затоа што никаде не е како дома, кажа премиерот Зоран Заев при денешното пуштање во употреба на новиот Ургентен центар во Куманово.

    „Ние ќе се потрудиме да ги зголемиме платите, да ги подобриме условите на вашето работење, затоа што прво никаде не како дома, а второ дефинитивно им требате на граѓаните, заради тоа што Македонија со свои средства ве едуцирала и образувала. Еве продолжуваме со средства на граѓаните да ги зголемуваме платите и приходите да бидат доволна мотивација за сите. Ургентниот центар претставува спојка на целото амбулантско работење, поврзано со хируршките клиники, и претставува совршенство во унапредувањето на здравствената заштита на граѓаните“, изјави Заев.

    Во новиот ургентен центар во Куманово, над 200 илјади граѓани од североисточниот регион на едно место ќе можат да добијат хируршки, ортопедски и анестезиолошки третман со современа медицинска опрема во амбулантите и во дневната болница.

    „Во овој центар ќе имаат можност да бидат прегледани оние пациенти кои доаѓаат со упат од матичен лекар, но и оние кои дошле за некоја ургентна или животно загрозувачка состојба. Ќе имаме и добра екипираност на медицинскиот кадар, сите ќе бидат на едно место што дава една подобра можност за комуникација, консултација и решавање и на најтешките случаи“, изјави директорката на Општа болница Куманово, Снежана Захариева.

    Новиот ургентен центар е со површина од 750 метри квадратни. Проектот чини 53 милиони денари или 900.000 евра, кои што ги обезбеди Министерството за здравство и државата. Започна да се гради 2017 година.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира