Во овој момент имаме доволен број респираторни машини, рече министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека набавката на респираторните машини е во тек, но тие се запрени во Бразил со одлука на тамошната Влада и преку нашата амбасада и Министерството за надворешни работи се прават напори да се ослободи таа бројка и да бидат доставени што побрзо.
„Многу земји го запреа извозот на респираторни машини бидејќи си ги чуваат за нив и нивните пациенти. Добра вест е што добивме потврда од Кина дека за нас се резервирани 200 респираторни машини. Податоците покажале дека 5 проценти од заболените имаат потреба да бидат вклучени на респираторни машини, односно на 1.000 пациенти, 50 од нив се на апарати“, рече Филипче.
Филипче кажа дека навремено јавноста се информира за сите заболени пациенти и за мерките кои се преземаат. Рече дека во моментов не е време за ексклузивност и сензационализам и најави дека на денешната владина седница ќе предложи да се заострат мерките.
„Бројот на пациенти ќе расте, тоа го очекувавме. Свесен сум дека вирусот го смени животот, луѓето се затворени дома и се соочени со страв, но мора сите да сме свесни дека таа самоизолација е спас да се стави ширење на инфекцијата. Нема простор за политички поени, во оваа битна секој треба да даде придонес“, рече Филипче.
А. АНТЕВСКА