Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, и после денешната трета средба во Клубот на пратеници не донесоа конечна одлука за зголемување на парламентарното мнозинство и влегување на партијата во Владата. Заев и Гаши после средбата не дадоа изјави за медиумите, а премиерот кажа дека ќе биде испратено соопштение од прес-центарот на Владата.
Во соопштението од Владата се вели дека на средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт.
„Разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните. Се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка Влада, која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели“, се вели во соопштението на Владата.