ИМА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА ЗА ДВЕ ГОДИНИ ДА ПРОРАБОТИ ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА-ЛЕМОС СО ГРЦИЈА, РЕЧЕ ДИМИТРОВ

    ИМА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА ЗА ДВЕ ГОДИНИ ДА ПРОРАБОТИ ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА-ЛЕМОС СО ГРЦИЈА, РЕЧЕ ДИМИТРОВВладината делегација на настанот во Љубојно, кој се одржа пред разурнатото училиште „Димитар Влахов“ во кое на 15 ноември 1945 се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа, го промовира и проектот тоа да се обнови и да стане Центар за промоција на македонскиот јазик. (Фото: Влада на РСМ)

    Има политичка волја да се отвори граничниот премин Маркова Нога – Лемос на границата со Грција и целата работа би завршила за 2 години, рече денеска министерот за надвореши работи Никола Димитров близу преминот во изградба, во рамки на одбележувањето двегодишнината од Преспанскиот договор.

    Серија настани со кои се одбележа двегодишнината од потпишувањето на Договорот во Преспа, организирани од Општина Ресен,се одржаа во село Љубојно и во близу граничниот премин во изградба Маркова Нога, а присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, министерот Димитров кој беше и потписник на договорот, министерот за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот Регион Едмонд Адеми и лидерот на СДСМ Зоран Заев во чиј мандат како премиер беше постигнат и потпишан овој договор за решавање на спорот за името со Грција.

    Димитров кажа дека за отворање на Маркова Нога има и европски фондови на располагање, а според анализите и проценката на терен на МНР, МВР, градот Ресен, Министерството за локална самоуправа и Царинската управа, целата работа сосе изготвување на планови, реализација, е можно да се заврши во рамките на две години.

    „Тоа ќе биде многу важно за локалното население, за туризмот и за економијата и за една шанса да заживее целиот овој прекрасен Преспански Регион. Воздушна линија од Љубојно, од Брајчино, е некаде 4 километри, а сега се користи Меџитлија. Граничниот премин Маркова Нога – Лемос го почнавме со првата Спогодба што ја потпишавме со соседна Грција по стапувањето на сила на Преспанскиот договор. Меѓу другото, интересно е да се спомене дека согласно Член 6 од Спогодбата, потпишана на македонски јазик, на грчки јазик и на англиски јазик, ратификувана е во парламентите, така што правниот основ е тука. Имаше едно забавување со оглед на промената на власта во Атина. Го отворив со министерот Дендијас прашањето и политичката волја апсолутно постои. Веднаш по тој разговор имаше состанок на 31 јануари годинава, на двете комисии. Усогласени беа протоколите за експертските групи и се планираше состанок во Солун на 18 март каде што требаше да се усвои целиот план и до крајот на годинава планиравме патната инфраструктура, плановите за објектите, геодетските анализи и еколошките елаборати да бидат изготвени. Состанокот поради пандемијата се одложи. Од тоа што го чув од државниот секретар на МНР Попов, состанокот бил во многу конструктивна атмосфера и во Солун било планирано конечно сите овие планови да се усвојат, да се разгледаат внимателно фискалните импликации“, рече Димитров.

    На настанот во Љубојно, кој се одржа пред разурнатото училиште „Димитар Влахов“ во кое на 15 ноември 1945 се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа, беше промовиран и проектот тоа да се обнови и да стане Центар за промоција на македонскиот јазик. Ова е второ училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира