ИМАТЕ СИЛЕН ИДЕНТИТЕТ, НЕ ЧЕКАЈТЕ УШТЕ 25 ГОДИНИ ДА ДОНЕСЕТЕ ОДЛУКА ЗА ИМЕТО, ВЕЛИ НИМИЦ

    ИМАТЕ СИЛЕН ИДЕНТИТЕТ, НЕ ЧЕКАЈТЕ УШТЕ 25 ГОДИНИ ДА ДОНЕСЕТЕ ОДЛУКА ЗА ИМЕТО, ВЕЛИ НИМИЦ„Сега имам две влади со сериозни луѓе, двајца сериoзни премиери“, вели посредникот на ОН Метју Нимиц. - Од средбата на премиерот Зоран Заев со Нимиц во Скопје на 3 јули (Фото: М. Златевска)

    Посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц вели дека сега е моментот да се донесе одлука за името и дека неговиот нов пакет предлози не го загрозува македонскиот идентитет. Во интервју за „Сител“, Нимиц кажа предлогот не само што не навлегува во идентитетот, туку напротив го зацврстува и зајакнува.

    „Се обидов да најдам начин да се справам со прашањето за името на начин кој ќе биде прифатлив за двете страни. Мојот личен став е дека не навлегува во индентитетот, туку напротив го зацврстува и зајакнува идентитетот на државата и на народот. Од мојата комуникација со луѓето во вашата земја, сметам дека имате многу силен идентитет, кој го поседувате многу години. Независни сте 25 години, но имавте идентитет и кога бевте дел од Југославија, имавте идентитет кога бевте дел од Кралството Србија и од Отоманската империја“, вели Нимиц.

    За Нимиц, сега е моментот за решавање на спорот затоа што во двете земји е промената ситуацијата, а и нема избори наскоро.

    „Атина излегува од економска криза, поуверени се и пробуваат да играат поголема улога во регионот. Во Скопје имаме нова влада која се чини дека е посветена на решавање на проблемот. Сега имам две влади со сериозни луѓе, двајца сериoзни премиери и двајца министри за надворешни работи, тука е опозицијата и медиумите и еднаш ќе мора да донесете одлука. Сега е моментот бидејќи нема избори. Да не се чека уште 25 години“, вели Нимиц.

    Посредникот имаше средба во Њујорк со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски во средата, на која им го презентираше новиот пакет предлози, за кој тој вели дека е на четири страници. Нимиц најави дека е подготвен да го посети регионот доколку сакаат министрите за надворешни работи на двете земји и доколку се слободни во следните десетина дена.

    „Да седнеме во двете земји и да имаме сериозни разговори за тоа што тие сметаат дека е корисно и да најдеме заеднички компромис“, вели посредникот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари