ИНТЕРПОЛ ОДБИВА ДА ЈА ОБЈАВИ ПОТЕРНИЦАТА ПО ГРУЕВСКИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ

    ИНТЕРПОЛ ОДБИВА ДА ЈА ОБЈАВИ ПОТЕРНИЦАТА ПО ГРУЕВСКИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛОбвинителката Вилма Рускоска на денешната конференција на тема „Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција во пресрет на извештајот на Европската Комисија“.(Фото: К. Попов)

    Седиштето на Меѓународната полициска организација Интерпол одбива да ја објави меѓународната потерница за поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега од затворска казна во ноември и доби азил во Унгарија.

    Ова денеска го кажа шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска, прашана до каде е постапката за екстрадиција на Груевски во врска со истрагата за организација и нарачка на настаните од 27 април 2017 година.

    На новинарско прашање, таа одговори дека Интерпол одбива да ја објави меѓународната потерница и по Никола Бошкоски, кој исто така е еден од шестемина осомничени за планирање и координација на нападот во Собранието.

    „Не ми се познати причините зошто седиштето на Интерпол одбива да ги објави двете потерници како за Груевски, така и за Бошкоски. Јас имам само информација дека тоа е состојбата“, одговори Рускоска на прашање дали Интерпол тоа го прави бидејќи Груевски има добиено азил.

    Бошкоски нема азил, но тој е слободен граѓанин во Грција и живее во Солун, заедно со Горан Грујевски.

    Рускоска кажа дека во моментов осомничените и нивните адвокати ги разгледуваат доказите во предметот и рече дека со тоа таа истрагата ја привршува и оти обвинение ќе има наскоро. Таа кажа и дека во претходниот случај со 33-цата обвинети за организираниот напад во Собранието од кои половина беа амнестирани, а половина осудени, за недостапните петмина обвинети Интерпол не правел проблем и ги објавил сите пет меѓународни потерници кои таа ги побарала.

    Груевски избега од двегодишната затворска казна за предметот на СЈО „Тенк“, а покрај него и Бошкоски, во истрагата на Обвинителството за организиран криминал за 27 април осомничени се уште Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски и Владимир Атанасовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира