Граѓаните во областите каде има пожар и чад да ги исклучат климатизерите и вентилацијата што внесува надворешен воздух, стои во вонредните препораки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако многу населени места низ државата се во чад.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во Македонија до 13 часот регистрирани се вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои 10 активни. Во повеќе скопски општини се чувствува мирис на чад. Ситуацијата дополнително се влошува оти дува и ветер што ја дига прашината и ѓубрето.
Институтот апелира да се држат прозорците и вратите затворени, граѓаните да се засолнат во безбеден простор и да останат во затворена просторија со што помалку отвори кон надвор.
Ова се препораките:
- Запечатете ги процепите околу прозорците и вратите со влажни крпи или самолеплива лента.
- Користете соодветна заштитна опрема
- Ако морате да излезете, користете маска што филтрира честички. Најефикасна заштита обезбедуваат маски со филтер од типот ФФП2, ФФП3, Н95 или специјални противгасни маски со филтри за органски и неоргански гасови.
- Доколку немате професионална маска, прекријте го носот и устата со влажна крпа или пешкир додека се евакуирате (ова е само привремена и ограничена заштита).
- Децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични болести да останат во најзаштитените простории.
- При појава на симптоми (отежнато дишење, кашлица, вртоглавица), веднаш побарајте медицинска помош.
- При подготовка за евакуација, подгответе торба со најважните документи, лекови, вода, храна и средства за лична заштита. Знајте ги најкратките и најбезбедни патишта за евакуација.
- Ако некој има симптоми на труење со чад, изнесете го на свеж воздух и побарајте медицинска помош.