ИСКОРИСТЕНИ СЕ САМО ПОЛА ОД ВАУЧЕРИТЕ ЗА ДОМАШЕН ТУРИЗАМ, ВЛАДАТА НЕ ГО СЛЕДИ ИСПОЛНУВАЊЕТО НА АНТИКРИЗНИТЕ МЕРКИ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

    ИСКОРИСТЕНИ СЕ САМО ПОЛА ОД ВАУЧЕРИТЕ ЗА ДОМАШЕН ТУРИЗАМ, ВЛАДАТА НЕ ГО СЛЕДИ ИСПОЛНУВАЊЕТО НА АНТИКРИЗНИТЕ МЕРКИ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈАВладата нема воспоставено систем за следење на секоја мерка одделно и не е развиена и објавена централна база на податоци, вели ревизијата на ДЗР. (Фото: СДК.МК)

    Низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) анализирајќи ја ефикасноста на преземените мерки и политики од државата за намалување на ефектите од пандемијата во туризмот. Заклучено е дека недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на владините мерки.

    Ревизорите утврдија низок степен на реализација на мерките во секторот туризам, и тоа: искористеност од само 55 проценти на ваучерите за домашен туризам, 52 проценти од грантовите за туристички водичи, 68 проценти грантови за туристички аганции, само 48 проценти поврат на туристичка такса за 2019 година, помошта за хотели надвор од туристички места остана нереализирана, а од финансиска поддршка за туристички агенции искористени само 61 процент.

    Нискиот степен на реализација на мерките од областа туризам не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата, заклучуваат од ДЗР.

    Во делот на реализацијата на програмските активности на надлежните институции за туризам е утврдено континуирано намалување на буџетот за период 2018-2021 година, со исклучок на 2020 година. Исто така, утврдена е потреба од унапредување на институционалните капацитети, соработка и координација на активностите на централно и локално ниво и формирање на Комитет за туризам како орган од највисок ранг надлежен за туризмот во земјата. Со престанок на работата на Координативното тело за туризам не постои целосна координација меѓу институциите и носителите на секторот туризам.

    Во однос на економските мерки за справување со пандемијата, утврдено е отсуство на документација за извршена претходна анализа и проценка при креирањето на мерките на која се базира планираниот опфат и потребните средства за секоја економска мерка, условите и критериумите за нивно доделување. Владата нема воспоставено систем за следење на секоја мерка одделно и не е развиена и објавена централна база на податоци во која на дневно или месечно ниво би се објавиле информации за степенот на реализација на секоја поединечна мерка.

    За доделената финансиска поддршка на туристичките агенции од шестиот пакет мерки, ревизорите констатираат дека не е утврден начинот на кој ќе се врши контролата за исполнување на условите, ниту пак е определена надлежната институција која ќе ја врши контролата и мерки кои ќе се преземат во случај на неисполнување на критериумите и неизвршен поврат на средства.

    Спроведената ревизија покажала дека антикризните мерки за поддршка на туристичкиот сектор имале делумно влијание за ефикасно справување со последиците од пандемијата и намалување на ефектите од кризата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира